Тодоровски ќе го тужи Петров за клевета
Директорот на Бирото за јавна безбедност ги отфрла како невистинити обвинувањата дека има дивоградба на Водно
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски, ги отфрли како невистинити обвинувањата од Андреј Петров дека поседува луксузна хациенда од 1.900 квадратни метри во Горно Нерези. Поради, како што вели, нарушениот углед и чест, тој ќе поднесе тужба за клевета против Петров.
Одлуката да го тужи Петров, првиот човек на БЈБ, ја донел откако се консултирал со правни експерти. За тоа, како што вели во неговата писмена изјава, тој има две причини, лична и морална.
„Достоинството, честа и вистината мора да бидат императив за секого и треба да ги почитува секој човек, без разлика дали се занимава со политика или со некоја друга професија. Убеден сум дека ако ги толерираме обидите за урнисување на дигнитетот и лагите од страна на поединци, ќе придонесеме за уривање на угледот на мнозинството граѓани, кои чесно ги бранат своите ставови и гледишта“, вели Тодоровски.
Тој подвлекува дека има морална обврска да се спротивстави на невистината и на обидот со обични лаги и манипулации да се направи обид за негова лична дискредитација.
„Како човек што верува во законите, со тужба против Андреј Петров очекувам целата расправа со која јавноста се доведува во заблуда и со која сум грубо оштетен и исклеветен да биде префрлена каде што и' е местото, во судот. Таму Петров ќе добие можност да ги докаже клеветите дека јас, наводно, поседувам некаква хациенда од 1.900 квадрати од луксузен камен на Водно. Тој, како поранешен градоначалник на Карпош, имаше можност и самиот да се увери колку се вистинити податоците што ги изрекуваше, односно, знаеше дека изрекува неточни податоци“, додава Тодоровски.
Неодамна генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров, на прес-конференција ја обвини владејачката партија дека со предложениот закон за легализација на дивоградбите по цена од едно евро квадрат, всушност, се грижи за личните и за бизнис-интересите на своите функционери, а не за доброто на граѓаните. Како доказ, тој приложи фотографија на која, како што рече, е ранчот на директорот за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски-Радникот во Горно Нерези каде што има бесправно изградено куќа од луксузен камен. Во меѓувреме, за случајот се заинтересира и Антикорупциската комисија, која ќе излезе во јавноста со свој став откако детално ќе ги разгледа сите докази. (С.Р.) |