Ново досие: По „Ибар“ - „Вихор“
Таткото на еден од уапсените за Бродец го обвини лидерот на ДУИ дека соработувал со тајните безбедносни служби и оти раководел со акцијата „Бродец“
Во Комисијата за лустрација вчера беа доставени нови документи за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кои говорат за неговата наводна соработка со хрватските и со српските безбедносни служби. Таткото на еден од уапсените во акцијата „Бродец“, Кадри Даути, на лустраторите им предаде досие под псевдоним „Вихор“, за кое тврди дека се однесува на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Даути вели дека документите, кои, исто така, како и досиејата „Вујко“, „Мама“ и „Ибар“, се фотокопија, потекнуваат од хрватското Министерство за внатрешни работи. Тој вчера го обвини Ахмети дека соработувал со тајните безбедносни служби и оти раководел со акцијата „Бродец“. Даути уште кажа дека неговиот син лежи в затвор токму поради Ахмети.
Лидерот на ДУИ, наводно, во 2007 година на македонските власти им го издал планот „Бродец“, дека на Шар Планина, на потегот Бродец, Вешала, Вејце и Тетово се подготвува бунт на Албанците. „Во ова сценарио е вмешан Ахмети. Бараме да се разјасни овој случај затоа што невини се в затвор. За неколку дена ќе доставиме и видеоснимки како доказ за вмешаноста на Ахмети и оти тој на Лирим Јакупи Нацист му нареди да собере 100 вооружени лица“, изјави Даути.
Според документите што Даути им ги достави на лустраторите, Ахмети од 1999 година бил на оперативна врска на хрватските служби за безбедност. Тој бил ангажиран од југословенската тајна полиција што, наводно, искористила „компромитирачки материјал од неговите сексуални педофилски склоности“. Линкот со службите бил направен преку неговиот роднина Фазли Велиу. Во доверливите материјали се наведува дека лидерот на ДУИ кажал оти под контрола ја држи западна Македонија, дека под оружје има стотина луѓе и оти во секој момент може да крене ново востание.
Од Комисијата за лустрација велат дека ќе ги разгледаат документите, но ќе ги земат предвид само ако се оригинали. (О.В.) |