Судиите ќе го преиспитаат притворот
Судовите ќе треба да одговорат како и колку често определувале притвор во последните три години
Гордана Дувњак
Судската фела одново ќе ги преиспитува своите редови и ќе проценува колку се злоупотребува мерката притвор. Постои раширено убедување во јавноста, а тоа го покажуваат и бројните примери од судската практика, дека иако притворот претставува најголемо ограничување на правото на слобода, сепак, судиите оваа мерка ја определуваат со голема леснотија. Тоа се прави генерално, со тенко или со никакво образложение (само се цитираат одредби од Законот за кривична постапка) и без доволно да се искористат другите полесни облици за обезбедување на присуството на обвинетите. А, да не зборуваме за финансиските ефекти, ако се знае дека еден притворски ден чини 1.000 денари и годишно само за оваа намена се трошат близу еден милион евра буџетски пари.
Во таа насока беше и неодамнешната одлука на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот „Василевски“. Судот пресече дека Македонија во судскиот процес „Змиско око“ повредила определени права на своите граѓани, со тоа што притворот бил определен со колективно решение за повеќе обвинети и без образложение за причините.
Здружението на судии на Македонија од 1 октомври оваа година почна нов проект, кој треба да даде одговори околу тоа колку често судиите изрекуваат притвор, колку трае, дали се злоупотребува, колку е образложено решението, а колку, пак, се применуваат другите мерки за обезбедување присуство на обвинетите (куќен притвор, гаранција...). Проектот ќе трае до март идната година. Тричлена работна група составена од судии кривичари -врховниот судија Драган Тумановски, судијата во пензија Агим Мифтари и претседателката на скопска „единица“, Лидија Неделковска, се задолжени да направат анализа на добиените податоци од судовите и потоа да се процени што натаму. Работната група веќе испратила барање до судовите да им испратат податоци за последните три години околу тоа колку притвори се изречени, а колку предлози на обвинителите се одбиени, колку одлуки се преиначени, како и околу бројот на изречени други мерки за обезбедување присуство.
„Од направената анализа и заклучоците што ќе ги предложи работната група ќе видиме што треба да се направи во иднина. Дали можеби е потребна дополнителна обука за судиите околу прашањето на притворот“, вели претседателот на Здружението на судии на Македонија (ЗСМ), врховниот судија Николчо Николовски.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права и актуелен прв човек на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, не гледа ништо лошо во ваквите анализи, но е прилично скептична во однос на ефектите.
„И самата учествував во два слични проекта на ЗСМ, а со неколкумина судии изработивме и Прирачник за примена на мерката притвор. Анализите се секогаш потребни, но од нив треба да се извлече заклучок и состојбите да се придвижат кон подобро“, вели Николовска. Таа потсетува дека не недостигале ни обуки за судиите и за обвинителите, но проблемот го гледа во нешто друго.
„Не е работата дека судиите не знаат, туку зошто не ги почитуваат меѓународните и домашните стандарди околу примената на притворот. Зашто и покрај тоа што притворот претставува најтешка форма за ограничување на правото на слобода, сепак, судиите на оваа мерка и' даваат предност пред другите полесни мерки за обезбедување присуство на обвинетите“, нагласува Николовска и додава дека Здружението можеби треба да се посвети на друг тип обуки – посветени на независноста на судиите при изрекувањето мерки за обезбедување присуство.
Експертите укажуваат дека не е тешко да се одговори зошто истражните судии без око да им трепне се одлучуваат за мерката притвор. Бидејќи, одговорот се сведува на само еден збор - притисок. Во Судскиот информатор објавен во декември 2008 година, во делот што се однесува на „Притворот пред судење“, во заклучоците, меѓу другото, се наведува и дека причините за лесното изрекување притвор треба да се бараат во притисоците од судии од повисок ранг, министер за правда, партиски активисти, медиуми, државни органи, од кои во прв ред е МВР.
|