Тајните тефтери на Суботиќ за шверц на цигари
Според српскиот бизнисмен, во шверцот со цигари имала свој удел и полицијата
Српскиот бизнисмен Станко Суботиќ-Цане, за кого Специјалниот суд во Белград има распишано меѓународна потерница поради шверц со цигари, со своите изјави што ги дава во последниве денови не престанува да ја тресе српската, па и пошироката јавност. Најголема бура предизвика бележникот на Суботиќ. Станува збор за тефтер во кој тој забележувал се' што се однесува на трговијата со цигари. Во тефтерот, наводно, било забележано и името на поранешниот директор на Тутунски комбинат-Скопје, како човек преку кого одел шверцот на цигари од Македонија во Србија. Тврдењата одат дотаму што Суботиќ, наводно, освен износите, ги запишувал и количествата цигари, но и компаниите што ги откупувале, а меѓу кои се наоѓа и фирмата „Делта“, сопственост на Мирослав Мишковиќ. Финалето на целата оваа приказна, секако, се тврдењата на Суботиќ дека во шверцот на цигари активно биле вклучени редовната и тајната полиција и дека ден-денес некои од тие луѓе се активни и работат против него.
Во последните изјави Суботиќ тврди дека Марко, син на екстремно богатиот Мирослав Мишковиќ, го запознал со браќата Шариќ, кои важат за главни трговци со кокаин. Според кажувањата на Суботиќ, токму Марко Мишковиќ бил добар пријател со браќата Шариќ, а дека за тоа другарување знаело и швајцарското Обвинителство, но и неговите адвокати.
Во изјава за белградската телевизија Б-92, Суботиќ тврди дека е под 24-часовен надзор на државните органи и дека Обвинителството точно знае со кого тој контактира, а со посебен акцент на оние лица што му доаѓаат од Србија. За браќата Шариќ, тој вели дека откако била обелоденета аферата со трговијата со кокаин, имало и такви што се обидувале и него да го инволвираат во целиот скандал. Станко Суботиќ-Цане не негира дека имал одредени комбинации со Дарко Шариќ, но дека се работело за бизнис-релации. (Љ.С.) |