Мукаетов кум, Дади здравичар за Бадник
Новите и старите бадникари ја продолжуваат традицијата по 19. пат
Живко Мукаетов ќе биде кумот, а Владимир Ангеловски-Дади здравичарот на прославата на православниот празник Бадник, која годинава традиционално се организира по деветнаесетти пат.
Директорот на „Алкалоид“ и актерот вчера официјално беа промовирани пред новинарите, со што Одборот за прослава на Бадник ги најави активностите во пресрет на главната свеченост на 6 јануари пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
„Како голем верник, ова е огромна чест за мене. Уште повеќе што кумството ми е предадено од докторот Јовица Угриновски. Притоа има една интересна симболика, 75 години постоење на ’Алкалоид‘ и 5 години откако сум назначен за прв човек на фармацевтската фирма“, рече Мукаетов.
На Дади прославата му навраќа куп спомени од детството, коледарските песни, дружбите, традициите, кршењето лепче со паричка, но и искуството со „Хихириху“ пред храмот. „Со здравицата ќе посакам безброј убави нешта. За градот, за државата и решавање на сите оние проблеми што постојано ни се наметнуваат“, додаде актерот.
На 26 декември на месноста Краста на падините на Водно, Одборот, симпатизерите, сограѓаните ќе учествуваат во сечењето бадникови гранчиња, кои ќе им бидат делени на скопјани на Бадник.
Свеченоста на 6 јануари пред платото на Соборниот храм ќе започне во 9,30 часот со бадникарска химна и подигање на бадниковото знаме, а потоа ќе се делат осветените гранчиња, нафора, топол чај и ракија... (Б.Ш.) |