„Хроничен“ рецепт и за фондовски лекови
Матичните лекари може да издаваат рецепти за три месеци
Матичните лекари на хронично болните може да им препишуваат терапија за три месеци. И натаму на еден рецепт може да се препише по едно кутиче, но лекарот на пациентот треба да му издаде рецепти за три месеци со датум за секој месец. Ова е новиот режим на препишување рецепти за фондовски лекови, што вчера го промовира Фондот за здравствено осигурување.
Покрај за болните, Фондот донесе и новини за лекарите од примарниот сектор. Капитациониот бод кај матичните лекари од 45 ќе се зголеми на 50 денари, а се зголеми и квотата за издавање рецепти на 550 денари по осигуреник, во која повеќе нема да влегуваат спрејовите за астматичарите, лековите за остеопороза, за шизофренија, Паркинсонова болест, депресија, капки за очен притисок. Капитациониот бод од 50 денари ќе важи и за гинеколозите, педијатрите и лекари по училишна медицина. Кај матичните гинеколози, пак, ќе се зголеми и лимитот на осигуреници од 2.000 на 3.000.
„Првпат по осум години има согласност да се зголеми капитацискиот бод за матичните лекари. Тоа ќе биде предложено на наредната седница на Управниот одбор на ФЗО, а ќе почне да се применува од 1 јануари “, најави директорот на ФЗО, Георги Тренковски.
Новитетите во примарниот сектор за претседателот на Лекарската комора, Владимир Борозанов, се позитивен исчекор и покажуваат дека е потребен континуиран дијалог меѓу сите чинители во здравството.
Постигната е согласност стимулацијата за лекарите да се намалува скалесто според пречекорувањето на лимитот на издавање рецепти, а таму каде што нема организирана ноќна служба, матичните лекари за акутни случаи да обезбедат дежурства или домашна посета. (Ј.Ј.)
|