Дали социјализмот умира?
Европската левица ја реализира својата агенда, а десницата го освојува просторот
ПАРИЗ - Европа ја прогонува привидение за бавното пропаѓање на социјализмот. Дури сред еден од најголемите предизвици за капитализмот за 75 години, вклучувајќи распаѓање на финансискиот систем поради „ирационално изобилство“, алчност и слабост на регулаторните системи, европските социјалистички партии и нивните левичарски сродни партии не пронајдоа задолжителен одговор, а не, пак, да ја искористат предноста од неуспесите на десницата.
Германските гласачи ја поразија Социјалдемократската партија на изборите во неделата, давајќи и' поддршка од само 23 отсто, што претставува најлош резултат од Втората светска војна. Гласачите, исто така, ги казнија левоориентираните кандидати на европските избори минатото лето и ги поразија француските социјалисти во 2007 година. Таму каде што левоориентираните партии имаат власт, како во Шпанија и Велика Британија, тие се изложени на напади. Таму каде што се надвор од власт, како во Франција, Италија и сега Германија, тие стануваат поделени и рамнодушни.
Иако некои американски конзервативци го демонизираат фискалниот поттик и реорганизацијата на здравствената заштита на претседателот Барак Обама како опасно вртење кон европскиот социјализам, токму европската десница, а не левицата, ја поставува политичката агенда на континентот. Централнодесничарските партии во Европа прифатија многу оригинални левичарски идеи, вклучувајќи дарежливи бенефиции за социјална помош, национализирана здравствена заштита, строги рестрикции за емисиите на јаглероден диоксид и отстапување сувереност на наднационалната Европска унија.
Но, тие добија поддршка, ветувајќи дека ќе ги остварат тие добра поефикасно отколку левицата, а во исто време работеа на намалување на високите даноци, подобрување на финансиската регулатива и справување со се' постарото население.
Европските конзервативци, вели Мишел Винок, француски историчар кој предава на Парискиот институт за политички студии, „се адаптираа на современоста“. Кога Никола Саркози од Франција и Ангела Меркел од Германија ја осудуваат прекумерноста на „англосаксонскиот модел“ на капитализам, а во исто време ја величат заштитната моќ на државата, тие ги користат некогашните социјалистички идеи кои станаа главен тренд, вели тој.
Не дека левицата е целосно безначајна - често пати ја претставува единствената одржлива опозиција на етаблираните влади. Затоа, извлекува полза, како во Америка, од нормалниот циклус на изборната политика.
Во Португалија, владејачката Социјалистичка партија во неделата беше реизбрана иако го загуби апсолутното мнозинство во парламентот. Во Шпанија, на социјалистите се' уште им се припишува заслуга за спротивставувањето и кон Франко и за ирачката војна. Во Германија, пошироката левица, вклучувајќи ги и зелените, има структурно мнозинство во парламентот.
Меѓутоа, германските социјалдемократи се во постизборна криза и мора да размислуваат за поврзување со екстремната Лева партија, која има корени од старата комунистичка партија на Источна Германија. Дел од проблемот е постојаниот „ѕид во главата“ меѓу источните и западните Германци. Додека демохристијаните лесно се движат кон Исток, социјалдемократите од Запад никогаш не би можеле да се поврзат со источните комунисти. „Двете Германии, едната социјалистичка, другата комунистичка, две души, никогаш навистина не се поврзаа“, вели Џовани Сартори, почесен професор од Универзитетот Колумбија во Њујорк. „Тоа објаснува зошто СПД, која секогаш беше главна социјалистичка партија во Европа, не може навистина да се соедини“.
Ситуацијата во Франција е уште полоша за левицата. Бернар-Анри Леви, симболички социјалист, прашан ова лето дали партијата умира, одговори: „Не, таа веќе е мртва. Никој, или речиси никој, не се осмелува да го каже тоа. Но секој, или речиси секој, го знае тоа“.
Социјалистичката партија во Франција, со долга револуционерна традиција и ослабени врски со намалената работничка класа, е расцепкана од лични ривалства. Партијата последен пат ја доби претседателската функција во 1988 година, а во 2007 година Сеголен Ројал ја загуби од Саркози со голема разлика од 6,1 процент. Позната по нејзината „откаченост“, Ројал со тесен број гласови ги загуби изборите за лидер на партијата во ноември 2008 година, од нејзината ривалка, подоктринарниот социјалист Мартин Обри, за 102 од 135.000 гласови, а нивните односи беа заладени уште пред да бидат објавени тврдењата за измама.
Иако Ројал би сакала социјалистите да се движат кон центарот и испитаат можност за поофицијална коалиција со Зелените, кои туркаат агенда чија цел е спречување на заканата за глобално затоплување, и со Демократското движење на Франсоа Бајру, Обри е повеќе загрижена поради разводнувањето на партијата. Таа е и позната и омразена поради достигнувањето на 35-часовна работна недела во последната социјалистичка влада, и се смета само за преодна фигура.
Но, преод кон што?
„Социјалистичката партија сакаше да остане во конкуренција со Комунистичката партија, и наместо да стане социјалдемократска и реформистичка, таа остана марксистичка“, вели францускиот историчар Винок. На летниот собир, што се одржа минатиот месец во одморалиштето Ла Рошел на атлантското крајбрежје на Франција, партијата се' уште зборуваше за „другари“ и „партиски милитанти“. Таа организира семинари со наслови како „Интернационализам во момент на криза на глобализиран капитализам“.
Француската Социјалистичка партија „е заглавена во безнадежна контрадикција“, вели Тони Џуд, директор на Институтот Ремарк на Њујоршкиот универзитет, изнесувајќи радикални изгледи дека „нема ниту средства, ниту идеологија, ниту изборно тело за применување“. Тоа ги храни „пореволуционерните“ партии, додека социјалистите настојуваат одбранбено да се потпрат на левицата за да им се спротивстават, наместо да се движат кон центарот каде што се добиваат изборите. Во исто време, внатрешните спорови ја прават смешна, при што Саркози минатиот месец и' посочи на партијата дека им праќа „големо благодарам“ на Ројал „која многу ми помага“, и на Даниел Кон-Бендит, познат европски политичар од Зелените, истакнувајќи дека „сите во Социјалистичката партија мамеле“ и обвинувајќи ја Ројал дека се однесува како „навредено мало девојче“.
Уништувачките расправии во Франција и на други места направија малку за позиционирање на левоориентираните партии да одговорат на итното прашање во моментот: како да се сочува благосостојбата во услови на забавен развој и се' поголеми дефицити на владата?
Пошироко, социјалистите станаа конзервативни, борејќи се да ги заштитат постоечките системи за кои гласачите сметаат дека треба да се подобрат, но не и да се напуштат. „Социјалистите не можат да се адаптираат на загубата на нивниот основен електорат, а со глобализмот благосостојбата не може и понатаму да постои на истиот начин“, вели политичкиот научник Сартори.
Енрико Лета (43) е еден од надежите на италијанската левица, која моментно е во метеж со оглед на националистичкиот популизам на премиерот Силвио Берлускони. „Треба да сфатиме дека социјализмот е одговор на минатиот век. Треба да создадеме централна левица која е прагматична, која обезбедува атрактивна алтернатива, а не само опозиција“, вели Лета. Тој тврди дека социјалистичката политика ќе треба да се претвори во посовремена и помалку идеолошка форма што овозможува алијанса со централните, либералните и зелените партии и која нема да се нарекува „социјалистичка“.
Џуд тврди дека европските социјалисти треба да смислат нова порака - популарна порака како да се реформира капитализмот „признавајќи ја централната позиција на економските интереси, а во исто време отфрлајќи го од тронот како единствен начин на зборување за политиката“. Европскиот социјализам треба „многу повеќе да размисли што може и што не може да направи државата во 21 век“, вели тој. (Интернешенел хералд трибјун) |