Збратимувања за економски развој
Mожност за заеднички иницијативи во туризмот, екологијата, културата, спортот...
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Локалната самоуправа е збратимена со шест општини од соседството. Повелби за братимење Тетово потпиша со општините Коринтит (Грција), Пловдив (Бугарија), Коња (Турција), Елбасан (Албанија), Ѓузелјурт (Северна Република Кипар) и Лондон Дери (Англија). Тетовските власти соработуваат и со општина Долна Нормандија во Франција, а со Струмица потпишаа меморандум.
„Не е тоа обично братимење, бидејќи отвораме простор за стопанска соработка. Тоа не значи дека веднаш ќе профункционираат производни капацитети во нашата општина или во онаа со која сме се збратимиле, туку тоа ќе бидат подолгорочни процеси. Сепак, се надевам дека граѓаните набргу ќе ги почувствуваат благодатите“, коментира Сади Беџети, градоначалник на Општина Тетово.
Од списокот збратимени општини, последна беше онаа со Елбасан, соседна Албанија. Меморандумот го потпишаа тетовскиот и градоначалникот на Елбасан, Ќазим Сејдини. „Поведуваме заеднички иницијативи за издржлив економски развој, користење на природните ресурси, заштита на животната средина и настојување за негување на историското и културното наследство“, рече во таа пригода Сејдини.
Домаќинот Сади Беџети беше уште поконкретен: „Ќе работиме на промоција и брендирање на регионалните производи и услуги. Потоа активности во сферата на планинскиот туризам и организирање заеднички туристички настапи, стратегии и акциони планови или физибилити студии од животната средина, проекти од областа на културата и промоција на културното и историското наследство“.
Фљакран Пустина, портпарол на локалната самоуправа во Тетово, најави дека наскоро ќе се реализира проект за изградба на два објекта од османлиско време. „Општината Коња финансираше реставрација на одделни делови во тетовското Арабати Баба-теќе. Веќе се' е дефинирано и за изградба на Саат-џамијата, разурната во далечната 1936 година и на мостот на Казазите на реката Пена што го однесе поплавата во 1979 година. Работиме и на проекти од економска сфера“, дополнува Пустина.
Веќе се чувствува соработката и со Долна Нормандија од Франција. „На неколкумесечен престој во Тетово беа ученици од колеџот Лисјес, а ученици од гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ‘ ја возвратија посетата. Освен поголема комуникација на двата јазика, овие престои беа искористени за подобра образовна практика. Учениците од Тетово беа мотивирани за продолжување на своето образование на универзитети во Франција. За оваа мошне успешна и блиска соработка голема заслуга има амбасадата на Франција во нашата земја и француската алијанса во Тетово“, нагласува Газменд Арифи, директор на тетовската гимназија. Неговиот колега од Долна Нормандија, Фредерик Бојед, обелодени иницијатива за спојување на двете училишта.
Во кабинетот на тетовскиот градоначалник посебно ја издвојуваат соработката со Општина Струмица. „Примарна е економијата. Во Тетово почна да се оформува економска зона. Очекуваме конкретна реализација на проекти за производни или услужни дејности“, нагласуваат во локалната самоуправа. |