Фудбалски вести
Стивен Џерард уапсен поради тешко повредување на 34 годишник
Според Би - Би - Си капитенот на Ливерпул Стивен Џерард е уапсен и британската полиција се' уште го држи во притвор. Причина е физичкиот напад над еден 34 годишник, кој се случил околу два часот по полноќ (по големата победа над Њукасл) во еден паб во Саутпорт, недалеку од Ливерпул. Нападнатиот завршил во болница со тешки повреди на главата, но е надвор од животна опасност.
Извештајот на полицијата вели дека во притвор се задржани шест лица, кои биле вмешани во тепачката, вклучувајќи го и познатиот фудбалер.
„Го истражуваме нападот, кој се случи во раните утрински часови на улицата „Лорд Стрит“. Уапсени се шест лица. Пет од нив се од Хајтон, а еден од Формби“. Капитенот на Ливерпул е од Формби.
Се претпоставува дека Џерард ја славел големата победа над Њукасл. Но славењето излегло од контрола и настанала тепачка.
Фулер го удри својот капитен поради грешката за голот на Вест Хем
Необичен инцидент се случи на мечот Вест Хем - Стоук. Откако Вест Хем израмни на 1:1, напаѓачот на Стоук Рикардо Фулер му „врза“ жестока шлаканица на својот капитен Енди Грифин, чија грешка претходеше на голот на Карлтон Кол. По тој погодок играчите тргнаа кон центарот, но на Фулер нешто му удри в глава и му се врати на Грифин. Туркање, шлаканица, туркање, црвен картон...
Фулер беше исклучен, а Стоук прими уште еден гол во 88 минута за пораз од 1:2. „Најсмешно е што тие двајцата одлично се сложуваат. На божикната клупска забава постојано се смееја, разменуваа смешни маички. Но Рик е прилично избувлива личност и не можам никако да го оправдам тоа што го направи“, изјави тренерот Тони Пулис.
Челзи го губи здивот во трката за титулата
Клинт Демпси со голот во 90 минута ги уништи плановите на Челзи за сигурни три бода на гостувањето кај Фулам. Иако, Фулам водеше токму со првиот гол на Демпси во 10 минута, Челзи успеа да се врати и со головите на Франк Лампард во 50 минута и 73, успеа да го заврти резултатот. Но потоа следеше шокантна завршница.
„Секоја чест за моите фудбалери. Во сите 90 минути Челзи беше подобар тим, но ние ги искористивме своите шанси. Челзи заслужено го заврте резултат на 2:1, но моите фудбал��ри не ги загубија главите и успеаја да постигнат фантастичен гол“, изјави по мечот тренерот на Фулам, Рој Хоџсон.
За разлика од него Луис Фелипе Сколари беше бесен. „Имавме шест, седум, осум шанси да дадеме трет гол. Тие имаа две од слободни удари и дадоа два гола. Но ова не е трагедија. Заостануваме само три бода и ќе им се вратиме на победите“, вели Сколари.
Табела: Ливерпул 45, Челзи 42, Јунајтед 35 (-3), Арсенал 35, Астон Вила 35 (-1)....
Фудбалерите на Челзи сами плаќаат за храната во клупската кујна
Светската финансиска криза го десеткуваше богатството на рускиот тајкун Роман Абрамович, кој сериозно размислува за продавање на својата најдрага играчка - Челзи. Пред само неколку години Русинот купуваше на големо, но таквите времиња очигледно се минато. Долго се пишува дека неговото царство доживеало тежок удар, поточно дека во последниот месец богатството му се намалило од 17 милијарди долари на 2,5 милијарди.
„Времињата кога трошеше по стотици милиони евра завршија. Сега сака да го продаде клубот, но бара некој кој ќе ги преземе сериозно обврските“, вели финансискиот експерт Кензиг.
Податокот дека Челзи отпушти 15 скаути, кои годишно заработуваа 156.000 евра поединечно и фактот дека фудбалерите сами ги финансираат своите оброци во клупската кантина доволно говорат за големината на кризата на Абрамович.
Ди Вајо го менува Адријано
Во Интер дефинитивно кренаа раце од напаѓачот Адријано. Бразилецот со своето недолично однесување си ги затвори вратите во тимот на Жозе Мурињо и извесно е дека ќе мора да ја смени средината. Неговиот менаџер Гилмар Риналди се обидува да договори позајмување на Адријано во Фламенго. Во тој случај на Интер ќе му биде потребен нов напаѓач, а прв пик е искусниот центарфор на Болоња, Марко ди Вајо. Управата на Болоња и тренерот Синиша Михајловиќ за возврат ги бараат резервистите Ривас, Балотели и Дакур. Доколку овој трансфер се случи тоа ќе биде договор меѓу двајцата тренери кои десетина дена водеа војна во медиумите во Италија.
Рома „пука“ на Ван Нистелрој или Подолски
Рома ги подготви парите за екстра напаѓач, кој наредната сезона би требало да му биде партнер на Тоти. Водечки кандидат за тоа место е Руд ван Нистелрој од Реал М. Имено, Холанѓанецот веќе нема да им биде неопходен на Шпанците бидејќи на „Сантијаго Бернабе“ дојде помладиот сонародник на Нистелрој, Клас Јан Хунтелар. Згора на тоа неговата голема плата од шест милиони евра по сезона и неговата физичка состојба, постојано се повредува, е голем проблем за Реал М.
Вториот кандидат за предводник на нападот на Рома е Лукас Подолски, кој не е задоволен од статусот во Баерн, особено откако во Минхен дојдоа Лука Тони, Франк Рибери и Мирослав Клосе.
Обединување на кипарските клубови по 53 години одвоеност
Фудбалските клубови од турскиот дел на Кипар наредната сезона би можело да се вратат во Фудбалската федерација на Кипар, која ја напуштија 1955 година, по насилството меѓу турското и грчкото население. Можноста за новото обединување е поттикната од желбата на дотичните клубови да заиграат во меѓународните натпреварувања, право кое сега го немаат. |