Догу фигурина и Големата мајка беа во иста витрина
На изложбата „Откопани“ во Норич првпат беа заедно фигурини од Македонија, Јапонија, Романија, Албанија и од Велика Британија
Катерина Богоева
Човековата потреба за себеосознавање е голема, голема е и незапирлива потребата за откривање на сличностите и разликите меѓу предците, но и за откривање на патиштата кои ги поврзувале и ги поврзуваат со нивните потомци. Една изложба која летово беше отворена во градот Норич, во Велика Британија, во тамошниот Сеjнзбери Центар за визуелна уметност, каде се сретнаа неолитските фигурини од Македонија, Романија, Албанија, Јапонија и Велика Британија (датирани од 7.000 до околу 2.000 год. пр.н.ера) беше пример за упорноста на денешните истражувачи да ги повлечат линиите од праисторијата и користејќи ги современите начини на презентација да го запознаат светот со чудесно убавите, повеќе женски, а помалку машки фигурини.
На тримесечната изложба под наслов „Откопани“ која ја виделе околу 5 500 посетители, Македонија ја претставуваа десет неолитски фигурини од веќе познатата колекција од 95 примероци, откривани на нејзино тло, а за прв пат во иста витрина се најдоа, јапонска џамон -догу праисториска фигурина, со фигурината на Големата мајка од Тумба Маџари. Публиката беше привилегирана да се запознае со чудесниот изглед на фигурините и со дел од ритуалите присутни и во Јапонија и Балканот. Еден од нив е и истиот начин на кршење на фигурините и фрлање на дел од нив во куќите, а другиот надвор од нив. Посетителите со влезниците добивале бисквити специјално на��равени од тамошна вајарка, инспирирана од сите фигурини на изложбата и можност или да ги скршат и да ги фрлат во поставената плексиглас кутија, помислувајќи си желба, или да си ги земат со себе. Го правеле и едното и другото.
„Додека траеше изложбата се прикажуваше и краток филм како вајарката во дворот на Центарот, ги пече бисквитите. По извесно време таа направила и повеќе од договорените 5 000 парчиња, бидејќи се потрошиле“- потсети деновиве археологот, куратор, Ирена Колиштркоска - Настева, соработник во реализацијата на изложбата од страна на Музејот на Македонија. Таа заедно со повеќе еминентни проучувачи на праисториската уметност од различни краишта на светот, пред отворање на изложбата го презентираше и начинот на кој ја конципирала музејската изложба „Праисториски дами од Македонија“. Од таа изложба, која по прв пат во земјава беше презентирана во 2005 година, а потоа патуваше и во Загреб и Подгорица и тргнала идејата за „Откопани“, чиј автор на концепцијата и куратор беше Симон Канер од Сеинсбери Институтот за проучување на јапонската уметност и култура во Норич. Тој претходно дошол до двојазичниот каталог на „Праисторски дами од Македонија“ која содржи фигурини од различни музеи во земјава, ја разгледал можноста нешто слично но, со фигурини од светот, да се направи во Норич, и по изведено време дошол на договор во Скопје.
А во Норич летово, наспроти фигурините од почетоците на цивилизацијата беа поставени и современи претстави на жени, меѓу кои и скулптурата во метал „Невеста“ на вајарката Мери Аницин - Пејоска, директорка на Музејот на Македонија, која подолго време твори под инспирација на македонската праисториска фигура.
Ирена Колиштрковска Настева која е неуморен истражувач, но и упорен откривач на можните патишта за презентација на артефактите, говорејќи за јапонските фигурини го потенцира богатството на облека што на нив е прикажана.
„Интересно ми беше што Јапонија се покажа со фигурини наречени догу, кои се сериозно накитени со облека. Додека кај нас гледам многу повеќе накит, кај нив има облека. Размислувајќи со колегите археолози на таа тема, се ставивме во мисла дали се тоа можеби еден вид на маски. Секако и кај нив, како и кај нас тоа се основите и за првични истражувања во етнологијата. Фигурините од Јапонија изобилуваат со елечиња, панталони, дури на нозете имаат и испреплетени кожи со некои елементи на чевли. Имаат симболични елементи и на главата. И ликовите им се со израз, а тука ние можевме да им парираме со нашата фигурина на маж од енеолитското светилиште во Спачево. И на самиот постер и на самата програма на изложбата беше претставена најбогато облечената јапонска фигурина. Причина за неколкуте слоеви на облека, јапонските археолози бараат во нивната тогашна клима.
Навистина беше прекрасно чувството што во една витрина, догу фигурините се сретнаа со фигурините од Европа и Балканот, со фигурата на Големата Мајка. Тогаш чувствуваш дека се од ист период и дека нивните и нашите предци во исто време се изразувале и го прикажувале тоа што го чувствувале и го гледале“.
Јапонците пак вели таа, биле изненадени и фасцинирани од човечкото тело претставено во скулптурите пронајдени на Балканот и во Европа. „Ги изненади реалната линија на убавината на човечкото тело, кое не е покриено толку многу симболично, во споредба со нивните фигурини кои припаѓаат на праисториската неолитска култура Џамон“
Споредувајќи ги фигурините од Македонија со романските, вели дека постојат доста сличности. „Нашите фигурини од периодот на енеолитот многу повеќе коинцидираат со Црноморскиот материјал, со Романија. Постојат многу сличности кај скулптурите со врежани линии, меѓу декорираните фигуринки пронаоѓани на тлото на двете земји. Кај нас се реплицирани многу пати во Бурилчево, на локалитетот „Свети Атанасиј“, а повеќе скулптури со врежани линии се пронаоѓани и во Романија. Многу сличности има и меѓу стилизираните ликови од периодот на енеолитот и неолитот и кај нас и кај нив“.
Колиштркоска посочи дека изложбата во Норич, град со голема култура и посетеност и значаен универзитетски центар е голема и значајна референца за изложбата „Праисториските дами од Македонија“. Откри и дека тимот од „Откопани“ планира за неколку години да конципира и отвори слична изложба и во Јапонија. |