Скара, најомилена машка релаксација
![](WBStorage/Articles/5132FA1102B69545BA8DB26544750B50.jpg)
Најубава и најпопуларна е класичната скара, која се подготвува на ќумур или на суви гранки
На највисока позиција на гурманите се месото и рибата на скара, а тука главната улога ја имаат мажите. Убавината на скарата е во посебниот вкус на месото што му го дава печењето на жар. Општоприфатено мислење е дека најубава е класичната скара, која се подготвува на ќумур или на суви гранки, но не е за фрлање ниту современиот електричен начин за подготвување.
За да направите добра скара, мора да знаете и неколку основни правила за нејзино успешно подготвување. Како основно се зема тоа што месото секогаш треба да почнете да го печете на претходно загреана решетка. При подготвувањето, мора да внимавате на месото, бидејќи може да загори, не дозволувајте го тоа ниту на краевите, бидејќи изгорениот дел може да биде канцероген.
Месото и рибата секогаш се повкусни доколку пред печењето се маринираат, но и ако бидат несолени, бидејќи солта ја извлекува водата, па месото може да остане суво. Секогаш посолувајте на крајот од печењето. Доколку сакате да постигнете подобар ефект, можете да печете и на алуминиумска фолија, и тоа на нејзината сјајна страна.
Кога станува збор за температурата на печење, јасно е дека рибата, пилешкото и телешкото месо се подготвуваат на умерено загреана скара, додека свинското е на повисока температура. Пожелно е за време на печењето помалку мрсните меса повремено да се попрскуваат со масло за да бидат посочни. Практикувајте пред печењето да не го миете месото, а ако е неопходно, направете го тоа со топла вода, потоа добро исушете го со хартиена или со платнена салвета.
![](WBStorage/Articles/9C7D7D599EDAA54DAABBA319F7E5538C.jpg)
Маринади
За месо
Помешајте една шолја масло заедно со една главица исечкан лук. Додајте рузмарин, ситно исечкан магдонос и црн пипер. Ставете го месото да отстои два часа.
Со бело вино
Ситно исечкајте лук и додајте една шолја бело вино и половина шолја масло. Промешајте и ставете два ловорови листа, неколку гранчиња магдонос, една лажичка кечап и црн пипер. Ставете го месото да отстои два часа и повремено превртувајте го.
За дивеч и за кременадли
Ситно исечкајте две главици кромид, додајте чаша црно вино, чаша масло, ловоров лист и црн пипер. Оставете го месото да отстои два часа.
За речна риба
Измешајте половина шолја масло, сок од еден лимон, магдонос, темјан, мајоран и муридија. Оставете ја рибата да стои еден час и печете.
За морска риба
Во половина шолја масло и сок од еден лимон додајте сол, темјан, магдонос, босилек, рузмарин и една главица лук. Промешајте и оставете ја рибата да отстои еден час.
ВАЖНО
- Сосови за риба
Рибата што е печена на скара е повкусна ако ја прелиете со сос уште додека е топла.
- Прелив со мајонез
Една туба мајонез измешајте со една чаша кисела павлака и ситно исечкан магдонос. По желба може да додадете и лук.
- Прелив од павлака
Измешајте една-две чаши кисела павлака со ситно исечкани мирудии и изгмечен лук.
- Прелив од масло
Во една шолја масло додајте ситно исечкан магдонос и неколку главички ситно сечкан лук.
- Прелив со кечап
Половина шолја кечап измешајте со една шолја кисела павлака и ситно исечкан лук.
- Прелив со рен
Во чаша кисела павлака додајте половина лажичка мајонез и изрендан рен и сето тоа добро промешајте го.
Риба на скара
За печење на скара е подобро да изберете помала риба, а доколку е поголема, исечете ја на парчиња, маринирајте ја и ставете да се пече на фолија. Ако рибата е со средна големина, засечете ја на неколку места за подобро да се испече. За да испечете бела риба што лесно се распаѓа, претходно прелијте со лимонов сок, а потоа ставете ја во брашно. Рибата што се пече на скара вртете ја наизменично од двете страни, а ќе биде готова кога месото внатре нема да биде црвено. Морате да внимавате да не ја препечете, бидејќи ќе биде многу сува и, се разбира, да ја изедете додека е топла.
Рецепти
Лесковачки ќофтиња
Потребно е - 400 гр мешано мелено месо, 200 гр кашкавал, главица кромид, малку лук, сол и црн пипер.
Меленото месо измешајте го со ситно сечкан лук и зачините. Измесете го добро и оставете да отстои околу еден час на ладно. Подоцна во месото додајте кашкавал и промешајте, направете ќофтиња и ставете да се печат на скара.
Пастрмка во фолија
Потребно е - 4 пастрмки, 4 лажици путер, 4 лажици коњак, магдонос и лук .
Исчистете ја пастрмката и наполнете ја со путер, магдонос и лук и посолете со сол и црн пипер, а потоа со истата смеса намачкајте ја и горната страна на рибата. Земете алуминиумска фолија, прелијте ја со коњакот и завиткајте ги рибите така што добро ќе ги завиткате за да не излезе сокот. Печете десетина минути и послужете. |