Јонуз ќе бара премии за победите во Австрија
За ова ќе одлучува У.О. на ФФМ на првата наредната седница
Сашко Ѓ. Димовски
„На првата наредна седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ќе побарам награда за фудбалерите за прикажаната игра, пожртвуваност и резултати за последните два меча против Азербејџан и Романија. Знам дека не е таква практиката за пријателски натпревари, но момчињата го заслужија тоа на турнејата во Австрија. Нека биде и симболична премијата, но ќе побарам да има“, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Мирсад Јонуз, по враќањето во Скопје.
Турнејата во Австрија е оценета како успешна. Азербејџан требаше да ја „глуми“ Ерменија, Романија, пак, Словачка, два од нашите пет ривали во квалификацискиот циклус за ЕП 2012. Затоа Македонија одигра и два, тактички, различни меча. Против Азербејџанците отворено, против Романците позатворено и за среќа и против едните и против другите остварен е полн погодок, успех за респект, посебно оној над романскиот национален состав, кој се наоѓа на 28. позиција на најновата светска ранг-листа на ФИФА.
„Во Скопје ќе играме офанзивно со сите репрезентации, идентично ќе се однесува и на гостувањата кај Ерменија и Андора. Ако против Русија, Словачка и Република Ирска во гости одиграме онака како што одигравме со Романија, ќе може да се надеваме на резултат и на напредок во овие квалификации“, порача Јонуз.
Јонуз упати еден куп пофални зборови за нашите момчиња кои против Азербејџан и Романија ги немаа услугите на Горан Пандев на тревниците во Бишофсхофен и Вилах. Нашиот најдобар фудбалер доби поштеда, прво поради повредата што му создаваше главоболки во финишот на сезоната, второто поради замор. На 26-годишниот струмичанец несомнено му е потребен одмор. Имаше пеколна агенда мечеви за Интер во пролетниот дел од полусезоната. Но, Јонуз не жали што го немаше Пандев во Австрија бидејќи за неговите квалитети излишно е да се трошат зборови.
„Го немавме Пандев на кого му е потребен одмор, но добивме нов квалитет во репрезентацијата. Со Пандев ќе бидеме уште посилни. Кога кон тимот ќе ги додадеме и Наумоски и Стојков ќе добиеме состав кој поседува зрелост, квалитет, сила и знаење со амбиции за освојување на едно од првите две места во групата во квалификациите за Европското првенство во 2012 година“, дополни македонскиот селектор.
Конкуренцијата во репрезентацијата ќе се засиливо наредниот период. Добивме двајца голмани во Един Нурединовски и Томислав Пачовски, кои се одлична замена за Петар Милошевски и Јане Николоски. Но, Нурединовски и Пачовски нема да останат без конкуренција. За можен трет голман Јонуз го најави Диме Јанкуловски од шведски ГАИС. Одбраната е стабилна, во нападот добивме многу во Тричковски, Куртиши, а доби и средината на теренот, најболната точка во играта на Македонија во последните неколку години. Тука е Марио Ѓуровски, а има сигнали дека во блиска иднина (наредните 3-4 месеци) во нашата репрезентација ќе бидат вклучени и Александар Игњовски од Минхен 1860 и Емин Сулимани од Австрија Виена. За нив веќе е поведена постапка, и тоа брза, во соработка со Агенцијата за млади и спорт (АМС) за добивање на потребните документи.
„До почетокот на квалификациите ни остануваат три месеци, период во кој ќе одиграме уште еден пријателски меч против селекцијата на Малта. Посакувам да работиме и да се стремиме кон добри резултати во добра атмосфера. Засега сакам да им порачам на сите фудбалери да си најдат клубови што поскоро бидејќи во иднина ќе играат само оние што играат“, заврши Јонуз. |