„ТЕТОВО ФОЛК-ФЕСТ“
На Богородица повторно во Лешок
„’Тетово фолк-фест‘ треба да опстане и да постои“, категорично изјави новиот директор на фестивалот, Борче Брзанов, на прес-конференцијата одржана во средата (28 април) за да се расчистат сите недоумици и дилеми околу фестивалот. Иако до денот на одржување на фестивалот, кој има респектабилна традиција, има уште речиси четири месеци (27 август), прашањето за неговото одржување беше отворено поради неизвесноста околу согласноста на МПЦ, фестивалот да се одржи во манастирскиот комплекс во Лешок. Тоа беше и една од причините досегашниот претседател на Фестивалскиот совет, Томислав Стојановски-Бомбај, да го откаже своето учество во организацијата. Сепак, фестивалот и годинава ќе го продолжи своето опстојување, со нова организациска структура, на истото место, во Лешок, со целосна поддршка на МПЦ и митрополитот Кирил. Иако поради неизвесноста за одржување на „Тетово фолк-фест“, пропуштени се роковите за конкурс за поддршка во Министерството за култура, новиот организационен одбор верува дека ќе успеат да добијат финансиска поддршка од искрените љубители на македонската народна песна. (Ј.П.) |