Мототура „Мариово 2010“
Прилеп - Викендов во прилепскиот дел на Мариово околу 400 мотоциклисти од повеќе балкански држави ќе ги истражуваат со мотор убавините на овие еколошки чисти предели. Во текот на тридневното дружење, како што велат мотоциклистите, очекуваат многу дружење, забава и возбуда.
„Безгранична слобода, широчина, возбуда. Тоа е чувството при возењето мотор, што ги привлекува сите моторџии. А, потоа доаѓа забавата, дружењето, новите пријателства на сите нас, кои сме вљубеници во овој спорт“, вели Зоран Илиоски од Прилеп.
Според организаторот, мотоклубот „Гардијан енџелс“, најавени се гости од Албанија, Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија и од Турција.
„Целта на овој камп и оваа мототура е да ги покажеме убавините на Мариово и на овој начин да придонесеме во развој на овој спорт, мототуризмот и туризмот воопшто веруваме дека и досега имаме значаен придонес, зашто мототурата ја организираме по трет пат и се надеваме дека и годинава ќе ја добиеме титулата за најдобри организатори на мототури во државата“, вели Симеон Стојчески, претседател на мотоклубот „Гардијан енџелс“. (М.Т.)
|