Собираат пари против загадувањето
ВЕЛЕС - На Денот на заштита на животната средина, зелената коалиција под мотото „Јас, за мене, за Велес, за сите нас“ ќе организира голема акција за собирање 90 илјади денари кои се потребни да се плати судската такса за да продолжи докажувањето на тридецениското загадување на Велес од Топилницата.
„Македонија никогаш не го призна загадување кое им беше причинето на велешани во изминатите 30 години. Ниту по седум години откога Топилницата престана да работи, никој не посегна да преземе мерки за да се дислоцира троската, да се деконтаминира почвата и да помисли на нарушеното здравје на велешани“, вели Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“. За да започне вештачењето со кое треба да се утврдат парцелите на кои подоцна ќе се испитува загадувањето на зелените им останаа уште неколку дена за да ги соберат парите. Првите донации веќе пристигнуваат, а денеска се очекува да се продадат самолепливите маркички кои беа изработени токму за оваа цел. Со вртење на бројот 077 143 143 и донирање 100 денари, велешани ќе може да добијат поддршка и од граѓаните во државава.
На три позиции во градот ќе се собираат донации во касички, а во младинскиот парк ќе биде поставен шатор во кој граѓаните ќе може да ги добиваат сите информации за тоа како ќе тече акцијата. (С.Ќ.Н.) |