Маневски не гледа вина во незаконското разрешување
Министерот за правда, Михајло Маневски, вчера избегна директен одговор на прашањето, како ќе влијае одлуката на Уставниот суд, со која се укинати повеќе одредби од двата правилника на Судскиот совет, на постапките за разрешување судии кои се во тек. Но, тој не гледа никаква одговорност кај себе и кај останатите членови на Советот, зашто досега разрешувале судии по спорни правилници.
„Одлуката на Уставниот суд не е објавена и не сум ја видел,па не знам кои биле аргументите на Судот. Одлуката на Уставниот суд ќе се почитува, но тоа не значи дека не смее да се коментира“, рече Маневски.
Како оваа ситуација ќе влијае на случајот со скопските апелациони судии Виолета Дума и Владо Џилвиџиев, кои беа разрешени од Судскиот совет по спорни правилници, а предметот по жалба сега се наоѓа пред Врховен суд?
Маневски вели дека прашањето на Жалбениот совет, кој треба да одлучува во нивниот случај, не е прашање на правилниците, туку на законите. Но, не одговори како може највисокиот суд да се повикува на одлуката на Судскиот совет, кога таа е донесена врз основа токму на укинатите одредби, кои меѓу другото, овозможуваа собирање докази. „Одредбите се укинати, но правилниците не се укинати во целост“, објаснува Маневски.
Тој вели дека Уставниот суд бил информиран дека во тек се измени на Законот за Судски совет, во кои се предвидува прашањето на дисциплинската одговорност на судиите, како и за нестручно и несовесно постапување да се регулираат со закон.
Во врска со сугестиите на Оценувачката мисија на ЕУ, која препорача министерот за правда да ги тргне рацете од Судскиот совет и од Советот за јавни обвинители и целосно да се исклучи од изборот и разрешувањето на судиите и обвин��телите, министерот го повтори досегашниот став.Тој рече дека уставните измени во овој дел ги донела претходната владејачка гарнитура, а пропаднал обидот повторно да се отвори ова прашање, бидејќи се налепиле многу други иницијативи. (Г.Д.)
|