Се заоструваат условите за избор на судии
За укинати повеќе од 20 проценти од пресудите, ќе се поведува постапка за разрешување
Со измените и дополнувањата на четирите закони ќе се обезбеди поефикасно и помодерно судство, се пофали вчера министерот за правда, Михајло Маневски, на посебна прес-конференција. Тој рече дека заради обезбедување конзистентност на законските решенија во областа на судството, Министерството изготвило измени и дополнувања на Законот за судовите, на Законот за Судски совет, на Законот за судскиот буџет и на Законот за судска служба.
Најзначајните новини во наведените закони, како што посочи министерот, се воведување систем на кариера во напредувањето на судиите, подобрување на системот за дисциплинска одговорност и утврдување нестручно и несовесно вршење на работата на судиите преку воведување објективизирани и мерливи критериуми. Се зголемува транспарентноста во работењето на судовите, а се подобрува и финансирањето на судството преку утврдување фиксен процент на Судскиот буџет во однос на БДП, кој ќе изнесува 0,8 проценти. Овие закони веќе се доставени до Собранието, а првото читање е закажано за 27 септември.
Со измените и дополнувањата на Законот за судовите, судската ферија се скратува за 15 дена, а се воведува и виш управен суд. Од 1 јануари 2012 година за судии во основните судови ќе можат да се кандидираат лица што ја завршиле Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а унапредувањето во повисоките судови ќе биде само од пониските судови.
За идните судии се предвидени психолошки тестови, тест за интегритет, да имаат просек осум, меѓународен сертификат за познавање англиски јазик, а за нивната чесност ќе гарантираат 15 лица од листа на 50.
„Со ова ќе се гради систем на кариера, кој ќе се заснова врз објективна оценка на судиите. Ако се укинат повеќе од 20 проценти од пресудите или се изменат 30 отсто од пресудите донесени од страна на еден судија, тоа може да биде основа за поведување дисциплинска постапка“, рече Маневски. За судење во неразумен рок или, пак, донесена пресуда од Европскиот суд за човекови права, на судиите им се заканува разрешување.
Во измените и дополнувањата на Законот за судовите, Маневски посочи дека се воведува ново начело на транспарентност, што значи во рок од два дена судијата да ја објави пресудата на веб-страницата и во секој суд да се отвори канцеларија за односи со јавноста, каде што граѓаните ќе можат да добијат информација за остварување на своите права.
За да се зголеми ефикасноста на судовите и судовите без проширена надлежност ќе може да решаваат предмети со вредност на спор до 50.000 евра, а не како досега до 15.000 евра.
Во иднина, старосната граница на поротниците ќе се помести од 60 на 64 години, тие ќе мора да имаат високо образование и ќе мора да поминат обука, по која ќе полагаат завршен испит. (Г.Д.)
|