Уапсените кај Радуша пуштени на слобода
Љубиша Станковиќ
Двајцата приведени при акцијата во Радуша што се случи во средата, од вчера се на слобода. По истекувањето на краткотрајниот притвор во траење од 48 часа, Шабан Осман (61) и Авдиљ Јусуфи (25) од село Буковиќ, вчераутро се најдоа на слобода. Тие се пуштени откако јавниот обвинител не поднел ново барање до истражниот судија за поведување кривична истрага со предлог за определување мерка притвор.
Пуштањето на слобода на двајцата приведени вчера ни беше потврдено не само од бранителот на осомничените туку и од Кривичниот суд. Оттаму појаснуваат дека јавниот обвинител во законски предвидениот рок не доставил барање за кривична истрага и определување притвор.
Токму за овие две лица Обвинителството, во средата, побара краткотраен притвор, сомнение за тероризам. Сега единствено што може да се очекува е донесување решение за откажување од натамошен кривичен прогон.
Нашите сознанија говорат дека приведените Осман и Јусуфи пред истражниот судија се бранеле со молчење, а дека во полициската постапка говореле за работи што се однесуваат на настанот во Радуша, во кој беа убиени четири лица што се занимавале со шверц на оружје.
Дали навистина критичниот ден Осман и Јусуфи случајно се нашле на местото каде што беше ликвидирана вооружената група или тие биле дел од неа, во својство на логистика, засега останува нејасно.
Како што веќе пишувавме во вторникот, во три часот наутро на патот Рашче -Радуша, во атарот на селото Свиларе, полицијата постави заседа на група за која претходно биле обезбедени оперативни сознанија дека превезува големи колични оружје и муниција. Во престрелката со групата загинаа скопјанецот Харун Алију, осуден на доживотен затвор за убиството на полицискиот специјален Зоран Марковски, потоа Кемал Фејзула од Грчец и Шабан Зенуни од Мерово, како и Џабер Шаља од Косово. Убиениот Шабан Зенуни е шестообвинет во „случајот мавровски работници“ и за него уште од 25 декември 2001 година е одреден притвор што требаше да се реализира веднаш по неговото апсење. |