12.12.2012, 15:53 Во Велес премиера на „Ноќите во бел сатен“
Претставата „Ноќите во бел сатен“, работена по текст на Братислав Димитров, а во режија на Ненад Витанов утревечер во 19,30 часот премиерно ќе биде прикажана во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Авторот Димитров му го посветува текстот на починатиот театарски режисер Димитар Станковски во чија режија претставата требало да биде одиграна.
„Претставата се занимава со еден од современите проблеми, со осаменоста. Можеби тука за нас и не е толку голем, но во светот тоа е најголемиот и најзначајниот проблем. Во трката по пари, моќ, привилегии, ги заборавивме основните потреби - емоциите. Публиката може да очекува забавна претстава, која и ќе ги насмее, но и ќе ги допре во срцето, во нивните души и проблеми. Стануваме робови на техниката, забораваме на нашите чувства и имаме недостиг од љубов“, рече Ненад Витанов, режисер на претставата, кој ја избра и музиката. Во „Ноќите во бел сатен“ настапуваат актерите: Јордан Витанов, Маја Љутков, Васил Зафирчев и Зоран Љутков.
„Бев дел од една добра екипа и позитивен процес и останатите од неа дејствуваа инспиративно на мене. Јас толкувам психотерапевт, чии пациенти се слика на самата себе, на докторката Бети, која е духовно осамена. Претставата е црн хумор, многу е интересна и очекувам дека публиката добро ќе ја прифати“, вели актерката Маја Љутков.
Авторот на текстот Братислав Димитров запишал дека тоа што некогаш било скандал, денес е незабележливо. Тоа што денес е незабележливо, еден ден можеби ќе биде вредност. Ноќите во бел сатен е пиеса за осаменоста и паничната потреба од љубов. Костимографијата на претставата е на Александра Крнинова, а сценографијата на Филип Коруновски. На младиот режисер Ненад Витанов ова му е втора претстава во велешкиот театар, по „Белег од човечки заби“. (П.П.) |