28.02.2012, 12:38 Ѓоковиќ сведок на поразот на Ѓоковиќ
Новак убедлив на стартот во Дубаи, помладиот брат Марко поразен од квалификантот Голубев
Го делат истото презиме - Ѓоковиќ - но, барем засега, тука завршува секоја сличност меѓу нив. Новак е на тенискиот врв и беше во центарот на вниманието во Дубаи откако ја забележа својата прва победа по освојувањето на Австралија опен во јануари. Марко е четири години помлад, 868 места подолу на АТП-листата и загуби во првото коло пред очите на својот многу попознат брат. Постариот Ѓоковиќ беше сведок на елиминацијата на својот брат од казахстанскиот квалификант Андреј Голубев, но вели дека Марко може да се искачи во повисоките ешалони во овој спорт.
„Тој мора да се соочи со притисокот што го носи презимето Ѓоковиќ“, изјави Новак. „Повеќе се бори со својот ум отколку со својата игра. Кога ќе биде способен да се фокусира на тоа, а не на своите сомнежи, ќе може да стане тенисер од светска класа“.
Постариот Ѓоковиќ додава и дека било тешко да се гледа како брат му губи со 6-3, 6-2.
„Ми беше тешко да седам покрај теренот“, вели тој. „Не можев да сторам ништо. Кога играм, знам што се случува. Но, среќен сум што брат ми доби вајлд-карта. Тој се' уште не е на своето ниво, но се доближува“.
|