05.06.2012, 17:23 Пролетна змиска офанзива
Природна појава е во пролет, обично по дождови, змиите да излегуваат на отворено
Бојан Шашевски
Без разлика дали некој има офидиофобија, стравот од змии инстантно ги напаѓа и оние кои случајно ќе налетаат или ќе видат некое од долгите животни со расечен јазик. Осебено ако се земе предвид дека периодов постојано пристигнуваат информации за улични блиски средби со змии.
Пред некој ден, играјќи си во училишниот тревник, второодделенец од ОУ „Димитар Миладинов“ од општина Центар беше каснат од змија и веднаш пренесен на Инфективната клиника. Не сакајќи да ги исплашат останатите деца, наставниците рекле дека ученикот се гребнал со стапче. Змија деновиве остави две дупчиња и на ногата на едно куче кое душкало покрај „пензионерската“ патека на Водно, а неодамна во Градскиот парк две момчиња уловија шаренкаста змија, се сликаа со неа и гордо ја пуштија фотографијата во еден од дневните медиуми.
Една 66-годишна тиквешанка почина откако претходно во болница и' биле утврдени змиски убоди на десната рака, а притоа претрпела шок. Претходната недела во „Утрински“ се јави жена која велеше дека видела змија покрај Вардар, а вчера Ратко Митрев од Кисела Вода ни потврди дека ваква влечуга поминала покрај уличка во неговата населба.
„Додека шетав со ќерката забележав долг стап на коловозот. Се извадив од памет кога стапот почна да мрда, а ќерката почна да вика ’змија, змија!’. Како е можно змија да дојде онаму каде што живеат луѓе? Што е ова со змиите во последно време?“, прашува Митрев.
Јорданчо Милошевски, биолог-кустос во Зоолошката градина, вели дека е вообичаено за овој период од годината да се забележуваат змии.
„Тука нема ништо ново. Сосема природна појава е во пролет, обично по дождови змиите да ��злегуваат на отворено, дури и да шетаат во групи по 15-20. Змиите не можат да произведат своја телесна топлина, па зависат од сончевите услови за да ја регулираат телесната температура. Во урбаните делови има смокови, се кријат под камења, низ заскриени паркови, тревници... Во државава од отровниците единствено се среќаваат поскок и шарка, но тие живеат во повисоките, неурбанизирани средини“, вели Милошевски.
Тој потенцира дека змиите реагираат на вибрации и бегаат од населени и бучни места. „Секако, има и случаи кога може да заскитаат или случајно се пренесени низ градовите. Околу Скопско може да ги има на планински места како Скопска Црна Гора или Караџица. Доколку некој се здобие со убод од змија, многу е важно да се утврди дали се работи за отровница. Постојат различни серуми, односно противотрови, но тоа зависи од видот на змијата, местото каде ве каснала, нога, рака... Тоа не е едноставна, паушална работа. Доколку можете, по убивањето однесете ја змијата во болница, тоа ќе ви помогне во понатамошната терапија“, препорачува Милошевски.
Инаку, за разлика од неотровните змии, отровниците ги разликуваме по триаголната форма на главата, елипсовидните очи и вдлабнатина помеѓу очите и носот. Во случај змијата да не е отровна, раната треба да се стелиризира, да се премачка со антибиотска маст и да се преврзе. Доколу се работи за отровна влечуга, каснатото лице треба да мирува, да избегнува и најмало движење, а критичното место да се имобилизира и стегне премногу силно за да се забави ширењето на отровот низ телото. |