05.06.2012, 17:25 Слаб интерес за катната кај „Автомакедонија“
Само едно правно дома��но лице се пријавило да лицитира за парцелата кај „Автомакедонија“ на која е предвидена изградба на катна гаража со барокна фасада. Единствениот заинтересиран ќе треба да плати околу 40.000 евра за парцелата, откако според правилата во јавниот повик, ќе наддаде сам со себе. Почетната цена за квадрат изнесува 1.850 денари, а површината на парцелата е 1.245 квадратни метри. Купецот ќе има обврска објектот да го изгради со фасада според избраното идејно решение, кое предвидува објект со стилска фасада. Освен за паркирање, објектот има и компатибилни класи на намена, комерцијална или деловна дејност, трговски и угостителски единици кои можат да зафаќаат до 15 проценти од површината на објектот.
Освен за оваа парцела, Министерството за транспорт и врски денеска ќе организира електронска аукција и за парцела на Јужен булевар, на која исто така е предвидена изградба на катна гаража. За неа, информираат од Министерството, пријавени се две домашни правни лица. (Дс.Т.) |