14.08.2012, 17:58 Донев, Јанкуловски и Лазаревски предавачи на „Евро-Балкан“
Јован Донев демантира дека новиот универзитет добил дозвола поради неговата блискост со Владата
Наум Котевски
Отфрлајќи ги сите можности неговата блискост со Владата да влијаела на добивањето на дозволата од Министерството за образование и наука „Евро-Балкан“ да прерасне во универзитет, професорот Јован Донев потенцира дека Институтот за општествени и хуманистички истражувања ги исполнило сите обврски и услови кои ги налага законот за да може да стане високонаучна институција.
„За ваква работа не одлучува само Министерството, туку и бордот за акредитации. Таму уредно го доставивме нашиот елаборат. По направените анализи, добивме дозвола. Нема никаква врска мојата, наводна, блискост со власта“, вели Донев, кој ќе биде еден од професорите, а негови колеги ќе бидат и други интелектуалци од десницата - жестокиот противник за компромис во преговорите со Грција и еден од пишувачите на првиот Закон за лустрација, поранешниот амбасадор во Стразбур, Ѕвонимир Јанкуловски, потоа бившиот директор на Центарот за управување со кризи и претседател на Институтот „Павел Шатев“, кој беше споменуван и како можен иден амбасадор во Романија, Панде Лазаревски... Во групата од 30 професори кои засега се обезбедени се и Митко Панов и Весна Матијашевиќ.
Претседател на Управниот одбор ќе биде Алберт Муслиу, а директор Александар Даштевски. Ректорот засега не се знае, иако, како што ни кажа Донев, желбите се тоа да биде некој странец.
„Тоа ни е планот, но желбите се едно, можностите друго. Цената на тие луѓе е висока, а ние допрва почнуваме и немаме соодветен буџет. Ќе се обидеме, па ќе видиме што ќе направиме“, нагласува Донев, кој беше и еден од кандидатите за амбасадор во Лондон.
Во рамките на универзитетот, каде што една студиска година ќе чини 1.900 евра, ќе постојат три факултети: за културни студии, за студии на социјална антропологија и за студии на Југоисточна Европа (политички студии). Четврта образовна единица е академија за моден дизајн, а петта е постојниот Институт за општествени и хуманистички истражувања.
Бројот на студенти кои годишно ќе се запишуваат е ограничен на 25 по факултет, односно 15 на високата стручна школа. Бројот на студентите кои ќе се запишуваат на втор циклус од студии останува десет на секоја група. „Бројот е ограничен. Сакаме да имаме квалитетни кадри, но и да не го оптоваруваме пазарот на трудот“, појаснува Донев.
Избор на наставно-научни дисциплини на универзитетот е направен со цел на новите генерации на студенти да им се даде можност да студираат и дисциплини кои досега не им беа достапни, а кои се исклучително важни за развојот на секое општество и како такви се присутни речиси на сите универзитети надвор од Македонија.
„Постојат многу студии за Европа, но малку за регионот. Целата филозофија е да се занимаваме со интеркултурните регионални феномени. Ни недостасува таква наобразба и затоа мислам дека има толку предрасуди меѓу народите во регионот. Сакаме да понудиме нешто ново, нов дух, нови идеи, кои ќе помогнат за подобро меѓусебно запознавање. И наедно да се обидеме да и' дадеме на научната основа правец за прашањата што ги тангираат сите во регионот“, потенцираше Муслиу.
Според него, завршените кадри на овој универзитет ќе може да работат на поинаков начин, без стереотипи, во политиката, но и во економијата, затоа што регионот не само што не е доволно врзан политички туку и економски.
Во таа насока, Даштевски вели дека оние што ќе ги совладаат сложените односи во регионот ќе можат да помогнат и во Советот на Европа, во Европската унија, бидејќи таму се на цена таквите познавачи на состојбите
„Кадрите, пак, од факултетот за социјална антропологија ќе може да работат во музеи, државни органи, а оние на факултетот за моден дизајн ќе го изучуваат дизајнерството. Модата и културата секогаш биле врзани меѓу себе“, вели Гашдевски.
Инаку, Институтот „Евро-Балкан“ е формиран во 1999 година како своевиден македонски „тинк-тенк“, а од 2006 година е регистриран како научен институт. Наредната година добива акредитации за организирање постдипломски студии поврзани со прашањата на родот, културата, Југоисточна Европа и Византија. |