18.08.2012, 16:08 Честитка од премиерот Груевски по повод Рамазан Бајрам
Премиерот Никола Груевски на претседателот на Исламската заедница во Република Македонија Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и на сите верници од исламската вероисповед, им го честита големиот муслимански празник - Рамазан Бајрам.
- И оваа година, со завршувањето на рамазанските пости во најсветиот месец за Вас - Рамазан, започнуваат големите Бајрамски празнувања. И оваа година, нека Ве води бајрамската молитва, нека Ви донесе многу убави нешта, нека ја истакне солидарноста и милостивоста, нека ја зајакне меѓусебната почит и толеранција, нека донесе добри дела и убави мисли.
Долгата традиција на празнување и хуманистичките традиции на исламските празници во Македонија, од секогаш биле повод за меѓусебна почит и заедничка прослава на нашите граѓани. Уверен сум дека, како и досега, така и во иднина, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за унапредување на меѓусебните односи кои традиционално се одвиваат во духот на меѓусебното разбирање и толеранција и ќе продолжиме да создаваме вредности и дела за иден просперитет и развој на нашата држава, за овозможување на дополнителни услови за економски развој и унапредување на стандардот на граѓаните, создавање можности за напредок на сите граѓани на нашата држава, и изградба на модерна и силна Република Македонија, дел од европските и евроатлански интеграции.
Уште еднаш, Ви го честитам големиот празник, Ви посакувам добро празнично расположение и убава домашна атмосфера во секое од Вашите семејства. Честит Рамазан!, се наведува во честитката од претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски.
|