20.08.2012, 16:23 Поддршка од синдикатот на одбраната за законот
Од НСО велат дека правата на припадниците на безбедносните сили мора да бидат законски регулирани и никако не смеат да бидат предмет на политички калкулации
Независниот синдикат на одбраната го поздравува и поддржува поднесувањето на Предлог-законот за уредување на посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на семејствата.
„Неговото донесување е нужност. Самиот Предлог-закон сеопфатно ги регулира правата на припадниците на безбедносните сили, особено што покрај припадниците на безбедносните сили од 2001 година и нивните семејства се опфатени и припадниците на безбедносните сили од воените или цивилни мисии во странство, што претставува дополнителен стимул и гаранција за овие припадници и нивните семејства во вршењето на нивната патриотска должност и претставувањето на државата во странство“, се вели во соопштението од НСО.
Поддршка на новиот Закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили на РМ и на членовите на нивните семејства изрази и Светскиот македонски конгрес. „Со влегувањето во процедура на овој закон се исправа една долгогодишна неправда кон сите оние кои ги положија животите за Македонија во 2001 година, кон оние кои се здобија со траен инвалидитет и кон оние кои беа на браникот на мирот и суверенитетот на нашата татковина“, изјави Киро Киров од Здружението на бранителите „Бедем“. (Љ.С.) |