20.08.2012, 12:43 Целосната интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО е без алтернатива
На средбата Иванов - Рикер, соговорниците се согласија дека не постои одржлива опција ниту за регионот, ниту за Македонија, освен целосна интеграција во ЕУ и НАТО
Стратешките цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската Унија како највисоки приоритети, како и можноста за деблокада на интеграциските процеси, беа централни теми на денешната средба во Охрид на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со Филип Рикер, заменик помошник државен секретар на САД.
- Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Република Македонија, освен целосна интеграција во Европската Унија и НАТО, стои во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Претседателот Иванов на средбата го запознал заменикот помошник државен секретар на САД и со улогата на Република Македонија во регионалната соработка и регионалните иницијативи.
Рикер, пак, се заблагодарил за можноста да се разменат мислења и информации во однос на стратешките цели на Република Македонија, актуелните реформски процеси и особено за состојбите во регионот на југоисточна Европа.
Американскиот заменик помошник државен секретар му упатил честитки на претседателот Иванов за неговото лидерство, како во Република Македонија, така и во регионални рамки. На средбата биле потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.
Претседателот Иванов му заблагодарил на Рикер и за прифатената покана да биде еден од предавачите на овогодинешната Школа за млади лидери, која се одржува под негово покровителство. |