20.08.2012, 16:41 Скотланд Јард ги отфрли обвинувањата за упад во амбасадата на Еквадор
Од Скотланд Јард соопштија дека ниту еден полицаец не влегол во зградата на амбасадата на Еквадор, ниту имало обид за тоа
Ниту еден полицаец не влегол во зградата на амбасадата на Еквадор, ниту имало обид за тоа, изјави денеска претставник на Скотланд Јард, реагирајќи на обвинувањата на Џулијан Асанж за наводните обиди на лондонската полиција тајно да се вовлече во зградата за да го одведе и уапси.
Пред своите приврзаници и пред насобраните Еквадорци кои живеат во Велика Британија и латиноамерикански имигранти, Асанж во своето прво обраќање по бегството во еквадорската амбасада истакна вчера дека „ноќе слушал како полицијата се обидувала да влезе во зградата преку противпожарникарските скали, за да го уапси“.
Според полициското објаснување, полицајците се пред зградата на амбасадата и на улицата, но никој не влегол во зградата.
Основачот на Викиликс, кој од 19 јуни живее како бегалец во еквадорската амбасада каде доби азил, не може да ја напушти зградата и да замине во Еквадор, бидејќи британските власти одбија да му дозволат слободно минување низ британската територија до некој од лондонските аеродроми. Владата во Лондон е решена да го екстрадира Асанж во Шведска каде е осомничен за сексуално насилство и нема промена од таквата определеност и по обраќањето на Асанж и по поддршката што Еквадор ја доби во Јужна Америка од главно нему идеолошки блиските држави од тој дел на светот.
Дипломатската кавга меѓу Лондон и Кито може да продолжи со месеци и години, а бегалецот да живее затворен во амбасадата. Британски владин претставник денеска соопшти дека „се продолжува со изнаоѓање дипломатско решение“ за случајот со Асанж, но британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг претходно објасни дека Велика Британија не признава дипломатски азил, како и дека азилот не може да важи за луѓе кои кривично се прогонети и кои се осомничени за сторено кривично дело, како што е тоа случај со Асанж.
Лондонски „Индепендент“ му забележува на Асанж дека во своето вчерашно обраќање од прозорецот на амбасадата, тој не смеел да држи политички говор, при што му било дозволено да се пресметува со САД, прикажувајќи ги сите оние, кои провалиле доверливи државни документи што потоа се објавени на Викиликс, како политички прогонети луѓе, како и тоа дека Асанж целосно го премолчел барањето на Шведска за екстрадиција, поради кое и побегна во еквадорската амбасада.
„Индепендент“ заедно со пролабуристичкиот „��ејли Мирор“ му сугерираат на Асанж дека треба да се предаде и да оди во Стокхолм. Овој весник е категоричен дека поранешниот австралиски хакер мора да прифати дека законите и нивното почитување важат и за него. |