19.08.2012, 15:07 СДСМ: Владата го посетува и почитува Крушево само за Илинден
СДСМ денеска од Крушево обвини дека власта не инвестирала доволно во овој град и оти му се навраќа само при одбележувањето на Илинден.
- Државата го посетува и почитува Крушево само за „Илинден“. Откако ќе заврши церемонијата на прославата, завршува и интересот за Крушево и Крушевчани. Дополнително на ова, оваа година се обидоа главната прослава за Илинден да ја преместат во Скопје. Главната прослава за Илинден треба да биде во Крушево. Тука и е местото. Запоставувањето од страна на централната власт е воочливо. И овој град подолго време е без инвестиции. Ги нема ветените вложувања и вработувања во дрвната индустрија. Запоставен е проектот „парк на ветерници“ и „сончев парк“, кој беше започнат во 2006 година, изјави денеска во Крушево секретарот на партијата Андреј Петров.
Тој го промовира Ташули Јуца како партиски кандидат за градоначалник на претстојните локални избори.
Јуца ветува енергетски проекти во Крушево
Кандидатот за градоначалник на Крушево од редовите на СДСМ ветува енергетски и инфраструктурни проекти за Крушево, како и привлекување странски инвеститори. „Ќе продолжам да вложувам во енергетиката, онаму каде што застана мојата партија пред многу години, од кога не е вложено ниту денар. Заедно со подобрената инфраструктура ќе се обидеме да привлечеме домашни и странски инвеститори, што ќе обезбеди нови работни места, а со тоа и подобар живот за моите сограѓани", рече Ташули Јуца на прес-конференција, пред вечерашниот голем митинг на опозицијата во Крушево.
Јуца вети дека негови приоритети ќе бидат и промовирање на општината пред домашни и странски инвеститори, како и директна и индиректна буџетска подршка за рестартирање на дел од стопанските капацитети во градот.
„Развој на туризмот преку континуирана подршка на постојните туристички и угостителски капацитети, и создавање на можности за отворање на нови, со посебно внимание за развој на културниот, верскиот а посебно и со посебни мерки спортскиот туризам", додаде Јуца.
|