20.08.2012, 14:31 Условна казна од УЕФА за Работнички
За допингот треба да се платат и 30.000 евра, Најдоски и Петровиќ суспендирани на една година
Парична казна од 30.000 евра и една година условно ако делото се повтори во наредните три години, е казната за фудбалскиот клуб Работнички од УЕФА поради допинг во првиот меч со Лацио во Рим од плејофот во Лига Европа минатата година. Дино Најдоски и Мики Петровиќ, фудбалерите кај кои беше најдена недозволена супстанција и кои одамна не се во клубот, се казнети со по една година. Казната за докторскиот тим, пак, дополнително ќе биде одредена, а се шпекулира со суспензија од три до пет години.
Одлуката е донесена речиси една година по почнатата истрага минатиот септември. Претставници на УЕФА доаѓаа во Скопје неколку пати, а и претставници на Работнички беа повикувани во Нион. Фудбалерите на Работнички беа подложени на антидопинг-тестови и на неколку средби на младата репрезентација на Македонија, но сите беа негативни.
Казната е далеку помала од таа што се навестуваше. Некои информации велеа дека Работнички ќе биде казнет со забрана за играње во Европа од пет до осум години, дека клубот ќе биде преселен во понизок ранг и слично.
Останува уште да се дефинира кога Најдоски и Петровиќ ќе имаат право на настап. |