19.08.2012, 11:16 Охридски маратон во полн сјај
Патеката долга 30 километри предизвик за 30 пливачки имиња
ОХРИД - Триесет натпреварувачи од 12 земји ќе бидат дел од 26. „Охридски пливачки маратон“, кој ќе се одржи денеска. Традиционалната трка ќе почне напладне, а стартот во Свети Наум ќе го означи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазе Поповски. Ако езерото е мирно и условите за пливање се поволни, првите пливачи на градското пристаниште во Охрид се очекува да пристигнат од 16 до 18 часот.
Пливачката патека „Климе Савин“, долга 30 километри, годинава е предизвик за 19 пливачи во машка и 11 во женска конкуренција. Покрај десеткратниот победник Петар Стојчев од Бугарија, фаворити во овогодишното издание се и Аргентинецот Дамјан Блаум, Италијанецот Андреа Волпи, Австралиецот Трент Гримси, како и Цветан Јорданов од Бугарија и македонскиот претставник Евгениј Поп Ацев.
Покрај Поп Ацев, кој минатата година заврши трет, ќе настапат уште пет домашни пливачи, и тоа Александар Илиевски, Дејан Младеновски, Александар Танчевски, Миро Крстевски и Александар Торомановски. Својот настап поради повреда го откажа Томи Стефановски, кој лани беше втор.
И годинава нема да има македонска претставничка во женска конкуренција. Тоа значи дека Теодора Раптис останува последната Македонка што пливала и триумфирала на „Охридскиот пливачки маратон“.
Организаторите велат дека и покрај недоразбирањата и финансиските проблеми во минатиот период, подготовките за спектаклот се веќе финализирани.
„И покрај неизвесноста, можам со голема радост да кажам дека во интерес на традицијата на оваа спортска манифестација, сепак преовлада разумот, се најде заеднички јазик со Пливачката федерација на Македонија за маратонот да се одржи“, вели Никола Маленко, член на спортскиот клуб „Охридски бранови“ и на Организацискиот одбор. Тој истакнува дека годинава има најголем број учесници во последните пет години и сите услови за одржување на трката се исполнети.
„Канцеларијата на техничкиот организатор на маратонот работи со полна пареа и не се остава ништо на случајноста. Подготвени се и патеката и сите технички услови за одвивање на трката. Се надевам дека временските услови ќе бидат поволни и оти ќе имаме убава трка“, вели Маленко.
Вкупниот награден фонд на маратонот е 25.000 долари. Првата награда и во машка и во женска конкуренција е 3.000 долари, втората 2.050, а третата 1.250.
Маратонот и годинава се одржува под покровителство на Ѓорге Иванов.
|