20.08.2012, 15:17 Активни повеќе пожари во Македонија
Во моментов на територија на Република Македонија активни се пожарите во општините Чашка, Липково, во шумскиот резерват „Јасен“, во село Црешнево, кај Македонски Брод и во Теарце, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Во пожарот во општина Чашка, кај селата Лисичи, Бањица, Дреново, Ралевци и Бреза, гори нискостеблеста и деградирана шума и стара сеча. Од вчера над село Бреза се случиле осум експлозии. Во гаснењето на пожарот се вклучени 15 вработени од Шумското стопанство на ЈП „Македонски Шуми“.
Во општина Липково активен е пожарот кај село Стрима. Зафатена е нискостеблеста и деградирана шума, а пожарот го гаснат екипи на Шумското стопанство со 13 вработени и две возила.
Пожарот во Македонски Брод, во шумскиот резерват „Јасен“, село Тажево кон село Белица, се уште не е изгаснат и гори борова шума, а во гасењето вклучени се од ТППЕ бригадата и од Шумското стопанство со 10 вработени.
Во општина Македонски Брод активен е и пожарот во село Црешнево, каде гори нискостеблеста шума и чукара. Пожарот го гаснат од Шумското стопанство со четири вработени.
Активен е пожарот и во село Одри, општина Теарце, каде гори букова и костенаста шума. Пожарот го следат екипи на Шумското стопанство.
Денеска во 13 часот целосно е изгаснат пожарот во село Горно Челопек, општина Брвеница, каде гореше сува и нискостеблеста шума. Овој пожар се појави во 11:20 часот, а го гаснеа екипи на ТППЕ со две возила и шест пожарникари. |