20.08.2012, 17:23 Граѓаните го поддржуваат моделот „Плата според сработеното“
Граѓаните го поддржуваат проектот на Министерството за здравство за плата на лекарите според сработеното, посочуваат резултатите од анкетата што за ова Министерство ја спроведе Институтот за политички истражувања - Скопје (ИПИС) во периодот од 16 до 18 август годинава врз репрезентативен примерок од 1.114 испитаници.
Позитивен или делумно позитивен одговор на прашањето какво мислење имаат за Проектот „Плаќање според сработеното“ дале 63,6 отсто од анкетираните, негативно или делумно негативно одговориле 25,3 отсто, додека „не знам“ одговориле 11,1 отсто од анкетираните лица. Прашани дали сметаат дека сите лекари без разлика на обемот на работа треба да имаат иста плата, позитивно одговориле 26,9 отсто, негативен одговор дале 59,2 отсто, додека одговор „не знам’“ имаат дадено 13,8 отсто од испитаниците.
Од анкетираните 56,2 отсто негативно одговориле на прашањето дали како граѓани би поддржале штрајк на лекарите против одлуката на Министерството за плаќање на нивната работа според сработеното, позитивен одговор дале 29,4 отсто, а 14,4 отсто не знаат или немаат одговор на ова прашање. (МИА) |