20.08.2012, 16:08 Владата обезбедила пари за реконструкција на Универзална сала
Проектот предвидува реновирање на ентериерот, изградба на повеќенаменска сала со капацитет од 1.500 места, нов простор за техника...
„Владата одлучи да почне со реализација на проектот за комплетна реконструкција и доградба на Универзална сала. За реализација на овој проект Владата обезбеди 400 милиони денари, средства од буџетски извори“, најави денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев. Се очекува проектот да се реализира во период не подолг од 18 месеци од почетокот на градбата, која би почнала кон крајот на годината. Проектите за реконструкција се готови, а од Универзална сала до Општина Центар, информираше Ѓорѓиев, веќе поднеле барање за издавање одобрение за реконструкција.
„Целосно ќе биде реновиран комплетниот ентериер и ќе се обезбеди нова и најсовремена аудио и видеоопрема, која ќе овозможи одржување секаков вид настани. Проектот опфаќа изградба на повеќенаменска сала со капацитет од 1.500 места и изградба на нова помала сала со капацитет од 100 места, како и нов простор за техника“, истакна вчера Ѓорѓиев.
За владината најнова инвестиција, денеска реагираа од СДСМ, со напомена дека во случајов Владата продолжува да ги потценува сопствените граѓани.
„Повторно по којзнае кој пат власта го соопштува истото ветување за реконструкција на Универзална сала. Уште во 2009 година, градоначалникот Коце Трајановски заедно со премиерот Никола Груевски, во предизборната кампања јавно ветија нова Универзална сала. Стана вообичаено, граѓаните пред секои избори да ги слушаат истите нереализирани ветување од актуелната власт“, реагираа од СДСМ. Опозицијата смета дека Универзална сала веќе можела да биде реконструирана доколку Владата се откажела од дел од „Скопје 2014“ со што ќе ги обезбедела потребните пари за обнова на дотраената сала. (Дс.Т.) |