21.08.2012, 14:47 Наковска-Бикова и Каранфилов скромни пред Параолимпијадата
Македонските стрелци посакуваат настап во барем едно финале
Стрелците Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов ќе бидат единствените македонски претставници на 14. Параолимписки игри, кои ќе се одржат од 29 август до 9 септември во Лондон. Македонската делегација ќе ја сочинуваат и Драган Дојчиновски како шеф на мисијата, како и поранешниот параолимписки шампион Бранимир Јовановски како тренер на репрезентативците.
Бикова и Каранфилов, кои зад себе веќе имаат параолимписко искуство и се повеќекратни носители на медали од големи натпреварувања, ќе учествуваат во три дисциплини - пукање со воздушен пиштол, каде што прв ќе настапи Каранфилов на 30 август, а Бикова ден подоцна, потоа пукање со спортски пиштол на 25 метри, закажано за 3 септември и во двете конкуренции, а последниот настап ќе го имаат на 6 септември со пиштол по слободен избор на 50 м.
„Би сакала да останам скромна во моите резултатски најави. Најважен ми е квалитетен настап во сите дисциплини и очекувам пласман во барем едно финале. Пукање со воздушен пиштол е дисциплината која најмногу ми одговара, па ќе се потрудам да го искористам тоа за подобри резултати“, изјави Оливера Наковска-Бикова.
Ванчо Каранфилов, пак, кој зад себе веќе има три Параолимпијади, а од Атина 2004 се врати со сребрен медал, додава: „И покрај подготовките, не сум во посакуваната форма, но сметам дека вистинскиот спортист ја покажува својата големина токму на вакви големи настани. Според одредени анализи, далеку сум од медал, но ништо не може да се знае и да биде сигурно однапред. Сите можности се отворени“.
Македонската делегација составена од четворица претставници заминува утре претпладне за Лондон. Таму ќе имаме само стрелци, откако атлетичарите и пинг-понг репрезентацијата не успеаја да изборат норма.
Претседателот на Македонскиот параолимписки комитет и тренер Бранимир Јовановски ќе го носи македонското знаме на свеченото отворање на 29 август, а шест дена претходно македонските претставници ги очекува поздравната церемонија во Олимпиското село, кога во 10,30 ч. ќе биде кренато нашето знаме, чин на кој е најавено и присуство на македонскиот амбасадор во Велика Британија.
На Параолимписките игри во Лондон ќе настапат рекордни 4.200 спортисти од 166 земји.
|