22.08.2012, 15:57 (ФОТО) Јаневски ќе гради победнички менталитет во репрезентацијата
Претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски, на денешната промоција на новиот фудбалски селектор на Македонија му посака добредојде дома
Сашко Ѓ. Димовски
„Добредојдовте дома. Тука е вашето место“, му се обрати Илчо Ѓорѓиоски, претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на Чедомир Јаневски при официјалната промоција во нов селектор на Македонија денеска во Скопје. Притоа, му подари и национален дрес со бројот 6 и со отпечатено презиме на задната страна, за што Јаневски во шега кон новинарите искоментира: „Само да не очекува претседателот да играм“.
Јаневски е 12. стручњак што го презема кормилото на македонската фудбалска репрезентација, 10. именуван како селектор по Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Драган Канатларовски, Мирсад Јонуз, Слободан Сантрач, Среќко Катанец и Џон Тошак. Во меѓувреме, со претставката в.д., на клупата седнуваа и Бобан Бабунски во два наврата и Гоце Седлоски. Работните задачи во националниот тим Јаневски ги презема без помпезни изјави.
„Ова е чест и обврска за мене. Заедно со соработниците и, секако, со фудбалерите, ќе работиме професионално, со намера за подигнување на нивото на македонскиот фудбал. Се чувствувам убаво што повторно сум дома“, рече Јаневски во уводното излагање пред јавноста, откако постигна договор со ФФМ да го води националниот тим во наредните 14 месеци, т.е. до крајот на циклусот квалификации за Светското првенство во Бразил во 2014 година.
Дисциплинирана репрезентација, репрезентација што ќе верува во себе, репрезентација со победнички менталитет и репрезентација со амбиции за висок пласман. Ова се нишките што Јаневски ги постави пред себе како цели што ќе се обиде да ги вметне во националниот состав во периодот што следува. Порача да не се очекуваат многу промени во репрезентацијата во претстојните две недели до почетокот на мундијалската кампања, бидејќи времето е кратко, но воедно потенцира дека ги ќе има потоа. Вели дека ги следел последните три меча на Македонија преку интернет и забележал дека се повикувани речиси исти играчи. Според него, има простор за уфрлување на двајца до тројца фудбалери, кои во дуелите со Литванија, со Португалија и со Ангола не беа во комбинација.
„Секој тренер има своја филозофија и свои замисли за подготовка на играта, па и јас. Ќе настојувам да ја изменам поставката на играта. Не сум тука за личен успех. Идејата е да помогнам за доградување и за усовршување на играта на репрезентацијата и индивидуално и колективно“, потенцира Јаневски.
Потоа се осврна и на групата во квалификациите за СП 2014, во која не' очекуваат судири со Хрватска, со Србија, со Белгија, со Шкотска и со Велс, во која влегуваме со две гостувања - на 7 септември во Загреб и четири дена подоцна во Глазгов.
„Групата е добро позната. Сите селекции во неа имаат одреден квалитет и сите имаат амбиции за највисок пласман, како и ние. Имаме доста фудбалери што играат во странство. Ним им е добро познат третманот на подготовките. Може да направиме нешто што ќе биде подобро од лани или од минатиот циклус, но не сакам да прогнозирам на кое место ќе одиме“, порача новиот македонски селектор. „Имаме два противника од исто подрачје, со ист менталитет и начин на игра. Белгијците доволно ги познавам, долги години сум таму, но тоа не е никаква гаранција, освен што ќе бидам поблиску за информации и за нивно скаутирање. Ги познавам нашите фудбалери, верувам во нив и не треба да се плашиме за претстојните гостувања. Во нашата работа има и победи и порази. Одиме без страв во Загреб и во Глазгов. Не' очекуваат десет натпревари, пет на домашен терен и пет на гостински. Таква е ждрепката, мораме да играме против сите“.
Имињата на своите соработници Јаневски ќе ги објави наскоро. За нив само рече дека ќе бидат луѓе на кои им верува, кои поседуваат квалитет и кои ќе може да придонесат за подобрување на рејтингот на репрезентацијата и на македонскиот фудбал воопшто.
|