23.08.2012, 14:44 Пожар кај скијачките терени во Маврово
Во текот на вчерашниот ден, осум пожари беа активни во земјава. Гореше на Китка, Кожуф, во Скопско и во Велешко
Пожар денеска изутрина го зафати Националниот парк „Маврово“. Огнените јазици ја зафатиле сувата трева и ниските жбунови над скијачките терени на најпознатиот зимски центар во земјава.Како што информираат од Центарот за управување со кризи, пожарот се уште е активен, а на терен се излезени 15 вработени од Националниот парк „Маврово“. Огнот се очекува што поскоро да биде локализиран.
Според информациите пристигнати до Центарот за управување со кризи во текот на вчерашниот ден низ земјава беа регистрирани осум активни пожари на отворен простор:
Пожарот во атарот на селото Вражале кај место викано „Рамни Габер“, општина Зелениково се уште е активен кон месноста „Попово Гумно“ на планината Китка. Со пожарот е зафатена ниска мешана шума. Во неговото гаснење е интервенирано и од воздух . Според екипите кои биле на терен, околу една третина од пожарот е изгаснат.
Нов пожар се појави и во атар на селото Никиштани (општина Ѓорче Петров), каде гори сува трева и мешана шума.
Пожарот во атарот на селото Стрима (општина Липково), кој повеќе од недела дена гори, се уште е активен и се шири во правец на село Ранковце. Зафатена е нискостеблеста жбунеста шума и сува трева на површина од околу 400 хектари.
Пожарот во атарот на селото Дреново е локализиран, додека во месноста „Бреза“ и селото Рлевци, Велешко е повторно реактивиран.. Во реонот на „Бреза“ зафатена е сува трева и грмушки, а додека во реонот на село Рлевци, место викано „Вирови“, зафатена е површина со сува трева и нискостеблеста шума.
Во текот на завчера вечер избувнал пожар и во атарот на селото Горно Јаболчиште, Велешко. Зафатена е стара сеча од 1994 година на површина од три до четири хектари. Теренот е тешко пристапен и поради тоа побарана е интервенција од воздух. За гасење на пожарот се ангажирани и мештаните. Пожар е регистриран и на планината Кожуф во месноста „Прашник“ со кој е зафатена борова шума.
Повторно е реактивиран и пожарот кај селото Црешново, општина Македонски Брод. Во неговото гаснење се вклучени вработени од Шумското стопанство „Сандански“. (Д.Т.)
|