24.08.2012, 13:58 Посмртните останки на Арафат под експертиза на швајцарски експерти
Посмртните останки на Јасер Арафат ќе бидат анализирани од швајцарски експерти од Универзитетската болница во Лозана кои добија одобрение од неговата вдовица, Суха Арафат, и од палестинските власти.
На Западниот брег експертите ќе земат материјал од посмртните останки на палестинскиот лидер и ќе анализираат за евентуални траги од полониум откако се појавија сомневања дека тој можно е да бил отруен.
Болницата во Лозана доби во почетокот на месецот барања за таква експертиза од Палестинската автономна власт и одобрение од вдовицата на Арафат.
- Болницата во Лозана очекува писмен одговор од адвокатот на Суха Арафат и експертите се подготвени да отпатуваат на Западниот брег, изјави портпаролот на Болницата, Дарси Кристен. - Во прашање се денови, додаде тој.
Ако биде одлучено мисијата да продолжи, експертизата ќе бара евентуални траги од полониум.
- Времето не чека и во прашање се недели, а не месеци бидејќи трагите од полониум се намалуваат за половина на секои 138 денови, прецизира Кристен. Откако палестинскиот лидер почина од неразјаснети медицински причини на 11 ноември 2004 година, веќе се изминати над 20 такви циклуси. |