24.08.2012, 15:03 Брејвик не е изненаден од пресудата и нема да поднесе жалба
Норвешкиот масовен убиец Андерс Брејвик не е изненаден од пресудата и нема да се жали на одлуката на судот, изјави неговиот адвокат.
Норвешкиот суд денеска го прогласи 33-годишниот екстремист за пресметлив и одговорен за своите постапки, додека обвинетиот ја сослуша пресудата со насмевка. Тој е осуден на максимална затворска казна од 21 година.
- Со едногласна одлука судот го осуди обвинетиот на 21 година затвор, изјави судијата Венч Елизабет Арнтзен, отфрлајќи ги барањата на обвинителството Брејвик да биде прогласен за психички нестабилен и да биде сместен на неопределено време во психијатриска болница.
Брејвик облечен во црн костум со бела кошула и сива вратоврска, при влегувањето во судската сала упати поздрав на крајната десница.
Во првите десет години „превентивен затвор под надзор“, формулација која се користи при многу тешки злосторства, Брејвик нема да има право да бара предвремено ослободување. Истовремено, рокот на „превентивниот затвор“ може да биде продолжен, без тоа да се одземе од останатите 11 години од пресудата, доколку Брејвик биде прогласен за „опасност за општеството“.
Во Норвешка денешната одлука на судот е дочекана со задоволство.
Читањето на пресудата против Брејвик ќе трае неколку часа. Се очекува веднаш потоа да му се овозможи да даде изјава.
Брејвик, кој е одговорен за терористички напад пред зградата на владата во Осло, во кој загинаа осум лица и за оружен напад на осторвот Утоја каде уби 69 лица, ќе биде сместен во затворот Ила во предградие на Осло, во релативно просторна ќелија со посебна соба за вежби, компјутер и телевизор. |