24.08.2012, 11:04 Кореа: „Случајот Асанж“ може да заврши уште утре
Претседателот на Еквадор тврди дека Велика Британија треба да му овозможи „безбеден премин“
Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа изјави дека „случајот Асанж“ може веднаш да се разреши, но дека за тоа е потребно британска добра волја.
Во разговор за Би-Би-Си, Кореа истакна дека „караницата околу Асанж може да заврши уште утре“, доколку владата на Велика Британија му дозволи „безбеден премин до Еквадор“.
- Доколку тоа не се случи, целиот случај може да се развлече, а ситуацијата да остане непроменета со месеци или дури и со години, вели еквадорскиот претседател.
Владата во Кито, во меѓувреме, преку своите дипломати му порача на Лондон дека како гест на добра волја, Велика Британија би можела за почеток, да ја повлече „заканата“ што според еквадорските власти е содржана во писмото на Форин Офисот до амбасадата на Еквадор во британскиот главен град.
Станува збор за писмото во кое Форин Офисот вели дека би можел да биде суспендиран имунитетот на еквадорската дипломатска мисија, за да се уапси Асанж, врз основа на британскиот закон за работа на дипломатските и конзуларните претставништва во Велика Британија од 1987 година.
Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг ги отфрли обвинувањата за „британска закана“, инсистирајќи дека на еквадорската амбасада „само и се предочени британските ставови“ околу новонастанатата ситуација по бегството на Асанж и сокривањето во нивната мисија.
Владата во Лондон останува приврзаник за дипломатско решение на спорот, но неколкупати досега посочи дека Џулијан Асанж, кој од пред два месеци живее во еквадорската амбасада, за да не биде екстрадиран во Шведска, ќе биде веднаш уапсен доколку излезе од зградата на амбасадата. Во сите досегашни британски официјални соопштенија се вели дека Велика Британија е решена Асанж да им биде предаден на властите во Шведска, затоа што за тоа постои одлука и на Врховниот суд на земјата.
Претставник на еквадорската амбасада изјави дека веќе една недела тие немаат никаков контакт со Форин Офисот и изрази „зачуденост“ што Британците се` уште не ја повлекуваат „заканата“ до Еквадор. Овој претставник призна дека сите во мисијата биле изненадени кога Асанж на 19 јуни дошол кај нив и побарал азил. |