24.08.2012, 14:53 Проевски кандидат на СДСМ за градоначалник на Ресен
„Општината Ресен е општина со најнеискористени потенцијали во земјава. Не само локалната власт, туку и централната власт, целосно го има заборавено Ресен и немаат ништо преземено за да се искористат потенцијалите на општината. Голема е одговорноста што сум предложен од страна на моите сопартијци за кандидат за градоначалник на Ресен за претстојните локални избори и таа доверба ветувам дека ќе ја оправдам“. Ова го истакна денеска Јордан Проевски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Ресен.
Според него, градот во овој момент е оставен да пропаѓа. „Инвестирано е малку, а толку многу беше ветувано. Градот тоне во сиромаштија, не се инвестира и во најдоходовното и најкарактеристичното за ова поднебје, од што живеат многу семејства, овоштарството. Откупниот центар за јаболка, остана уште еден нереализиран сон а туризмот е целосно запоставен. Но, јас и мојата партија сме тука за да го корегираме сето тоа и секако да инвестираме и да вложиме онаму каде што треба, сe во интерес на ресенчани“, рече Проевски. Според лидерот на партијата, Бранко Црвенковски, Социјалдемократскиот сојуз со својот кандидат во март оди на сигурна победа во Ресен.
|