23.08.2012, 15:56 Двајца загинати во сообраќајка кај Росоман
Две лице загинаа, а четворица се тешко повредени во сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на патот Градско - Росоман, кај месноста Аеродром. Во несреќата дошло при судир меѓу прилепско возило „пасат“ и товарно комбе на фирма од Кавадарци. Неофицијално се дознава дека, најверојатно, причинител на оваа несреќа е трето возило кое веднаш побегнало од местото на несреќата.
Според првичните информации од полицијата, едното лице починало на самото место, поради тешките повреди здобиени при судирот на двете возила. Вториот загинат, пак, им подлегнал на повредите откако бил пренесен на лекување во кавадаречката болница. Покрај патниците во „пасатот“, повреден е и возачот на комбето Љ.К. од Кавадарци. Тој е задржан на лекување во болницата во Кавадарци.
Според првичните информации, сопругата на еден од загинатите, поради тешките повреди на главата, е пренесена на лекување на скопските клиники. Другите двајца повредени се пренесени на лекување во велешката болница.
Очевидец на сообраќајната несреќа раскажува дека и двете возила не се движеле со голема брзина. „Сите сме претпазливи на овој патен правец, бидејќи во овој период има многу трактори што пренесуваат праски“, рече очевидецот.
Полицијата вчера попладне вршеше увид на местото на несреќата и работеше на утврдување на идентитетот на загинатите. До затворањето на весникот се' уште останаа непознати имињата на загинатите и повредените, но се зборува дека патниците во „пасатот“ биле од село од Крушевско.
Возачите коментираат дека на овој дел од патот Градско-Прилеп често се случуваат сообраќајни незгоди. Месноста „Аеродром“ се смета за црна точка поради што е потребно внимателно возење и прилагодена брзина. (А.Д.) |