24.08.2012, 12:42 (ИНТЕРВЈУ) Баравме демократија, а добивме капитализам
„Ја сакам музикалноста и нежноста. Девојките се тивки, нежни, а публиката музикална, сака музицирање“, вели Рамбо Амадеус
Валентина Тодоровска
Ве очекува концерт во Битола, во рамки на манифестацијата „Битола отворен град“. Што сакате кај нас во Македонија?
- Ја сакам музикалноста и нежноста. Девојките се тивки, нежни, а публиката музикална, сака музицирање.
Живеете во Белград, а постојано патувате, правите концерти и надвор од локалниот круг. Ви пречи ли кога подолг период сте на едно место?
- И да и не, тука сум како и другите луѓе.
Она што можам да го заклучам е дека и без некоја особена медиумска помпа имате верна публика. Тоа е поради искреноста?
- Никогаш не и' се додворував на публиката, работев она што ме задоволува, па затоа имам малубројна, ама верна публика. Тие луѓе не би ги менувал за некаква толпа што се врти како што дува ветер. Еден ден да ме креваат во ѕвезди, а веќе вториот да ме валкаат во кал.
Како комуницирате со новинарите? Имавте ли досега некакви непријатности, не се провлекувате низ жолтиот печат?
- Аааа, почнаа да ме развлекуваат низ Србија, ама таму странците станаа газди на жолтиот печат. Во трката за профит, медиумите станаа немилосрдни, постојано нешто душкаат, копаат...
Дали сте ЈУ-носталгичар? Мислите ли дека сигурноста и самодовербата што ја имавме во 1980-тите и 1990-тите години е резултат на средината во која растевме? Мислам на некогашната татковина?
- Да, сум, исто како и носталгичар на социјализмот. Капитализмот е едно лажовско ѓубре. Баравме демократија, а добивме капитализам. А таа, демократијата, можеше и без капитализмот.
Дали публиката надвор од бившите ЈУ-граници ви го препознава хуморот?
- По се' изгледа, тука се најдобри Англичаните.
Колку сте човек на денешницата, во однос на интернетот и сите негови форми со кои тој го олеснува животот? Општо кажано, може ли ваков начин на комуникација да оддалечи (зближи) луѓе?
- Секое откритие во исто време донесува и корисни и некорисни работи. Зближување и отуѓување се две страни на еден ист медал.
|