24.08.2012, 23:05 Не постои ниту една причина Македонија да не биде дел од НАТО
Ова денеска го истакна извршниот директор на Мекејн Институтот за меѓународно лидерство Курт Вокер кој во Охрид се сретна со претседателот Иванов
По одлуката на Меѓународниот суд на правдата не постои ниту една причина зошто САД, Европа и НАТО да не вложат сериозни заложби Македонија да биде примена во Алијансата врз основа на таа одлука.
Ова денеска го истакна Курт Вокер, извршен директор на Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, поранешен амбасадор на САД во НАТО и поранешен заменик-помошник државен секретар на САД кој во Охрид оствари средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Соговорниците на средбата заклучија дека блокадата на патот кон реализација на стратешките цели е неодржлива и потребно е Грција да се поттикне да направи конструктивен исчекор.
На средбата беше потврден и континуираниот развој на билатералните односи и стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави.
Како што нагласи Иванов, Република Македонија останува на курсот на НАТО и ЕУ интеграциите, во што улогата на САД како партнер, сојузник и поддржувач е високо ценета.
Претседателот, меѓу другото, изрази благодарност за прифатената покана од страна на Вокер да биде еден од клучните предавачи на Школата за млади лидери, која трета година се одржува под негово покровителство, обединувајќи ја младата и креативна сила во општеството.
Вокер ја поздрави оваа иницијатива на претседателот, изразувајќи задоволство од високиот професионален пристап при нејзината реализација и за дадената прилика да биде дел од неа.
Иванов и Вокер разговараа и за можноста за соработка меѓу Школата за млади лидери и Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, како и за потребата ваквата иницијатива да прерасне во регионална.
Во таа насока, шефот на државата посочи дека нашиот регион има потреба од создавање и подготовка на идни лидери и тоа не само во политиката, туку лидери во сите сфери на општествено делување - економијата, екологијата и културата, лидери кои својата визија за иднината ќе ја засноваат на позитивните вредности, одговорноста и креативноста и ќе ја насочат својата енергија кон подобрување на општите состојби, напредок и соработка.
Состојбите во регионот и регионалните иницијативи за соработка, исто така беа дел од разговорите на средбата. Соговорниците нагласија дека интегративните процеси на земјите додаваат дополнителен стимул за размена, зближување и кооперативност на Балка��от.
|