24.08.2012, 12:58 Тетово се организира за полесно вработување на младите
Тетово - Во Тетово е формиран Локален совет за економски и социјален развој. Целта на Советот ќе биде да им овозможи на младите да се стекнат со неопходните вештини за успешно да се вработат.
„Тетово е една од првите општини во која со интеракција на приватниот и граѓанскиот сектор и локалните власти се создаваат услови за креирање релевантен пазар на трудот и развојни економски политики. Се надевам дека овој пример ќе го следат и другите општини во Македонија. Ги охрабрувам што повеќе да комуницираат со приватниот и граѓанскиот сектор за да ја зголемат делотворноста на нивните напори за решавање на предизвиците какви што се невработената младина и локалниот економски развој“, нагласи Филип Рикер, американски заменик помошник секретар, кој завчера присуствуваше на чинот на потпишување на спогодбата за основање Локален економско-социјален совет на општината Тетово.
Советот е формиран со поддршка на проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување ЈЕС“. Ќе остварува содржини како советодавно и консултативно тело, пред се' за побрзо и организирано вработување на младите и поврзување со потребите на пазарот на трудот. На формирањето на Советот, градоначалникот на Тетово, Сади Беџети и Јан Карпович, директор на ЈЕС потпишаа меморандум за меѓусебна соработка. (Г.Е.)
|