23.08.2012, 15:08 Иницијатива на СДСМ до Владата за распуштање на Регулаторна
СДСМ бара од Владата да ја разреши Регулаторната комисија за енергетика. Денеска со писмена иницијатива до премиерот Никола Груевски, опозицискиот СДСМ и коалициските партнери ја повикаа Владата, која единствена според Законот за енергетика може да предложи до Собранието разрешување на претседателот и на членовите на Регулаторната комисија, да го стори тоа во рок од 48 часа. „Доколку Владата не го прифати овој предлог во дадениот рок од 48 часа, СДСМ во Собранието ќе поднесе интерпелација за работењето на претседателот на Регулаторната комисија, Димитар Петров“, изјави Марјанчо Николов од СДСМ.
Тој додаде дека Регулаторна треба да претставува независно тело чија задача е да ги штити граѓаните од монополите на енергетските компании. И покрај оваа законска функција летово Комисијата и нејзиниот претседател работеле спротивно на интересите на граѓаните, обвини СДСМ. Николов потсети дека Регулаторна ја поскапе струјата по втор пат оваа година, тајно ја укина дневната евтина тарифа на струјата, неколку пати ги зголеми цените на бензините, а во исто време го донесе и Правилникот за топлинска енергија, со кој граѓаните ќе и' плаќаат на „Топлификација“, иако не ги користат нејзините услуги.
„Во време на незапаметена економска криза, кога стотици илјади граѓани се борат со сиромаштијата, сметаме дека Регулаторна постапува спротивно на својата основна функција и одлучува спротивно на интересите на граѓаните. На чело на Регулаторна е Димитар Петров, човек кој на позицијата дојде директно од општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ во Кратово. Тој ова лето докажа дека не ја издвои партиската од државната функција“, рече Николов.
За иницијативата на СДСМ за разрешување на претседателот и на членовите на Регулаторна поддршка најавија и пратениците на ДПА.
СДСМ го повика владејачкото мнозинство да застане во интерес на граѓаните и да ја обезбеди вистинската функција на Регулаторната комисија, предвидена со Закон.
|