24.08.2012, 13:53 Меркел: Грција мора да ги испoлни обврските
„Нема да донесуваме никакви заклучоци пред да биде готов извештајот на тројката, изјави германската канцеларка по денешната средба со грчкиот премиер Андонис Самарас
За време на кризата ја изгубивме довербата едни во други. Сакаме Грција да ги исполни обврските. Нема да донесуваме никакви заклучоци пред да биде готов извештајот на „тројката“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по денешната средба во Берлин со грчкиот премиер Андонис Самарас.
- Знаеме дека бараме многу од Грците. Тие се во пустина пет години и им треба нашата поддршка. Еврото е повеќе од парична единица. Тоа е идеја за обединета Европа. Сакаме Грција да остане во еврозоната, нагласи Меркел.
Самарас по средбата испрати три пораки: дека Грција ќе покаже резултати, ќе се ослободи од дефицитот и ќе ги исполни преземените обврски, јави дописникот на МИА од Атина.
- Акциите зборуваат погласно од зборовите. Имавме конструктивни разговори. Ние веќе ги исполнуваме нашите обврски. Се надевам дека извештајот на „тројката“ ќе го покаже тоа, рече Самарас.
Тој изјави дека Грците се „горд народ и оти не сакаат да живеат од пари што ги позајмуваат од други“, додавајќи дека земјата има ресурси кои ќе се обиде да ги искористи.
- Денеска отворивме нов почеток во односите меѓу двете земји. Тоа нема да ги реши проблемите, но е добар почеток, изјави Самарас.
На новинарско прашање дали побарал продолжување од две години за имплементација на мерките за штедење, грчкиот премиер одговори дека разговарале за раст и додаде дека на Грција и треба воздух да дише за да ги постигне целите.
- Не бараме повеќе пари. Бараме опоравување. Бараме да земеме воздух за време на ова долго нуркање, рече Самарас и додаде дека се зависи од извештајот на тројката.
Меркел информира дека на состанокот дознала оти во Грција се направени важни чекори. Таа рече дека ќе се направи се за да се исполнат очекувањата на Грците и Германците.
Во врска со негативните новинарски извештаи за ситуацијата во Грција, Меркел рече дека „не може да се влијае на слободното новинарство, но може да се вложат напори да се променат работите“.
- Читам како реагираат грчките медиуми, и сметам дека има потреба да се избалансираат различните перцепции, нагласи германската канцеларка, додека Самарас само рече дека негативните медиумски извештаи никому не помагаат.
На новинарско прашање колку е сега одговорен со оглед на ставовите додека беше во опозиција, грчкиот премиер одговори дека тогашното негово противење било поттикнато од желбата за раст.
- Никој не е безгрешен. Да се фокусираме на сегашноста, рече Самарас додавајќи дека финансискиот развој е најдобриот лек за проблемите на земјата.
Грчкиот премиер утре во Париз ќе се сретне и со францускиот претседател Франсоа Оланд. |