24.08.2012, 23:10 Гранит ќе гради автопат во Босна вреден 180 милиони евра
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска престојуваше во еднодневна посета на Бања Лука, Република Српска, во Босна и Херцеговина каде оствари средби со претседателот Милорад Додик и со премиерот Александар Џомбиќ.
По средбите, премиерот Груевски изјави дека биле разменети мислења за различни значајни работи во функционирањето на двете земји.
- Се соочуваме со слични проблеми, во време на европска должничка криза и рецесија во Европската унија која што има силно влијание на сите држави на Балканот. Разменивме мислења за справувањето со овие проблеми и за мерките кои се преземаат во Република Македонија и Република Српска и кои ќе ни помогнат во нашите понатамошни дејствувања, рече македонскиот премиер.
Груевски присуствуваше и на потпишувањето на Договорот за изработка на проект и изградба на автопат Бања Лука – Добој, делница Прњавор – Добој, помеѓу ЈП „Аутопутеви Републике Српске“ и конзорциумот составен од АД Гранит од Скопје и Интеграл Инжињеринг од Лакташи.
- Во проектот вреден 180 милиони евра, покрај најголемата компанија од Босна и Херцеговина, влегува и најголемата градежна компанија од Македонија „Гранит“. Станува збор за изградба на автопат од 36 километри кој ќе се реализира во наредниот период. Можам да кажам дека „Гранит“ е најголема градежна компанија во Македонија со големо меѓународно искуство и квалитет и има градено во многу европски држави, нагласи Груевски.
Премиерот Џомбиќ им се заблагодари на сите кои биле заинтересирани за проектот, им честиташе на најдобрите кои победија и му се заблагодари на македонскиот премиер Груевски поради тоа што, како што рече, дошол лично во Република Српска на потпишувањето на договорот.
Учеството на АД Гранит-Скопје во овој проект претставува доказ за квалитетот и можностите на македонската градежна оператива и значаен извор на средства за компанијата.
|