24.08.2012, 14:47 Анжи маршира кон Лига Европа
Рускиот тим стигна до петтата победа во низа во квалификациите, совладувајќи го АЗ Алкмар со 1:0
Рускиот Анжи ја запиша и петтата победа во серија на патот кон групната фаза во Лигата на Европа, а при тоа не им дозволи на противниците да ја начнат нивната мрежа. Рускиот тим ги совлада Хонвед и Витезе, а синоќа обезбеди минимална предност од 1:0 против АЗ Алкмар, минатогодишниот четвртфиналист во Лигата на Европа. Тимот од Дагестан на теренот на Локомотив во Москва благодарение на погодокот на високиот Ласана Траоре обезбеди предност и се најде на чекор до фазата по групи. Репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска беше највисок во скокот по корнерот кој го изведе Мбарк Бусуфа.
Мечот го одбележа инцидент што го предизвикаа навивачите на московските тимови, кои протестираа поради тоа што Анжи го користи стадионот на Локомотив за натпреварите во Европа. УЕФА не му дозволи на Анжи да биде домаќин во Махачкала од безбедносни причини.
Во првиот европски натпревар по шест години пауза Њукасл одигра нерешено 1:1 против грчкиот Атромитос на гости. Фудбалерите од Атина први го отворија резултатот кога Денис Епстеин добро ја измами одбраната на гостите и ја пласираше топката покрај немоќниот Стивен Харпер. Њукасл израмни пред крајот на првото полувреме, а стрелец на голот беше Рајан Тејлор од слободен удар.
Фудбалерите на Партизан ќе бркаат еден гол негатива на реваншот против норвешкиот Тромзо во бараж дуелот за влез во групите од Лигата на Европа. "Црно-белите" загубија во Норвешка со 3:2, а трите голови ги примија со глава. Вистински маки им создаваа играчите на Тромзо на партизановите фудбалери кои панично реагираа при секоја нафрлена топка во нивниот шеснаесетник. Норвежаните поведоа во 37. минута, а стрелец на погодокот беше Швајцарецот со српски корени Александар Пријовиќ. Партизан одговори неколку минути подоцна преку Саша Марковиќ на асистенција на Владимир Волков.
Во вториот дел домаќините дадоа уште два гола со глава. Во 77. минута по седмиот корнер стоперот Фредрик Бјорк ја испрати топката во мрежата, а пет минути подоцна повторно од прекин, топката заврши на главата на Сенегалецот Кара Мбоџи кој ја испрати во небранетиот дел од голот на Стојковиќ.
Погодокот за пораз од 3:2 и реални шанси за пласман во следното коло го даде Митровиќ на нафрлување на Марковиќ.
Лидерот во холандскиот шампионат Твенте доживеа незгоден пораз на гостувањето кај турскиот претставник Бурса со 3:1. Иако први поведоа преку голот на својот најдобар стрелец Чадли по половина час игра, сепак, домаќините со го��овите на Аргентинецот Пабло Батаља (два) и Словакот Станислав Шестак обезбедија солидна предност пред реваншот во Еншеде за седум дена.
ЗВЕЗДА И БОРДО БЕЗ ГОЛОВИ
Резултати од првите средби од плејофот за Лига Европа: Штутгарт - Динамо Москва 2:0, Нефчи - АПОЕЛ 1:1, Анжи - АЗ Алкмар 1:0, Тромзо - Партизан 3:2, Екранас - Стеауа 0:2, Либерец - Днипро 2:2, Молде - Херенвен 2:0, Легија - Розенборг 1:1, АИК - ЦСКА Москва 0:1, Шериф - Марсеј 1:2, Атромитос - Њукасл 1:1, Динамо Букурешт - Металист 0:2, Луцерн - Генк 2:1, Бурса - Твенте 3:1, Диделанж - Хапоел Тел Авив 1:3, Феенорд - Спарта Прага 2:2, Трабзон - Видеотон 0:0, Митјиланд - Јанг бојс 0:3, Локерен - Плзен 2:1, Дебрецин - Бриж 0:3, ПАОК - Рапид Виена 2:1, Црвена звезда - Бордо 0:0, Шласк - Хановер 3:5, Мадервел - Леванте 0:2, Васлуи - Интер 0:2, Хартс - Ливерпул 0:1, Маритимо - Дила Гори 1:0, Атлетик Билбао - Хелсинки 6:0, Зета - ПСВ Ајндховен 0:5, Мура - Лацио 0:2 и Хорсенс - Спортинг Лисабон 1:1.
|