23.08.2012, 14:18 Работнички и Напредок запрени во Купот
Дебармаалци елиминирани на пенали од Победа јуниор, кичевци загубија од Баби во Штип со 1:0
Елиминациите на Работнички и Напредок и реализацијата на ветеранот Тони Мицевски (42) за Поешево против Ренова се основните карактеристики од 16. нокаут-натпревари во воведната рунда во фудбалскиот куп на Македонија. Дебармаалци неочекувано го завршија настапот во најмасовното клупско фудбалско натпреварување уште на првата станица. Кобни за нив беа пеналите во Прилеп, поуспешни во серијата беа играчите на Победа јуниор со 5:4, откако немаше погодок во регуларните 90 минути.
На пенали минаа уште Брегалница во пресметката кај Гостивар (0:0 регуларен дел, на пенали 1:3), Локомотива против Миравци (2:2, на пенали 6:5) и Башкими во дуелот со Тиквеш (2:2, на пенали 5:4).
Напредок е вториот прволигаш што се збогува со учество во Купот уште на стартот. Кичевци во неделата го совладаа Вардар со 1:0, но само три дена подоцна, со идентичен резултат, загубија во Штип од екипата на Баби.
Печат на воведното коло во новото Куп издание остави и поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец Тони Мицевски. Ветеранот настапи за аматерскиот нисколигаш од неговото родно село Поешево, за кој е регистриран и Горан Ставревски, и го постигна единствениот гол за домашниот состав во поразот од бранителот на тронот Ренова со 1:2.
Пласман во осминафиналето во фудбалскиот куп обезбеди Вардар чии играчи рутински го одработија натпреварот со второлигашот Руфеја и славеа со 2:0 на игралиштето во Брвеница. (С.Д.)
Куп на Македонија, шеснаесетфинале: Руфеја - Вардар 0:2, Поешево - Ренова 1:2, Плачковица - Шкендија 0:3 (службено), Победа јуниор - Работнички 0:0 (на пенали 5:4), Караорман - Металург 1:2, Маџари Солидарност - Дрита 0:1, Славеј - Пелистер 0:6, Охрид 2004 - Тетекс 2:7, Беласица - Силекс 1:3, Бабуна - Хоризонт Турново 0:4, Баби - Напредок 1:0, Гостивар - Брегалница 2008 0:0 (на пенали 1:3), Љуботен - Еуромилк Горно Лисиче 0:5, Астибо - 11 Октомври 0:3 (службено), Башкими - Тиквеш 2:2 (на пенали 5:4), Локомотива - Миравци 2:2 (на пенали 6:4).
|