24.08.2012, 11:04 Киксот на Валдез го остави Реал во битка за Суперкупот
Барселона го совлада Реал Мадрид со 3:2 во првиот дуел од шпанскиот Суперкуп одигран на „Камп Ноу“
Барселона синоќа со 3:2 го совлада Реал Мадрид во првото Ел Класико за оваа сезона во рамките на шпанскиот Суперкуп, па Каталонците ќе влезат во реваншот со минимална резултатска предност. Трагичар на натпреварот беше голманот на Барселона, Виктор Валдес кој при водство на Барса од 3:1 се сплетка со топката пред Ди Марија, доволно Аргентинецот да му ја украде топката и да ја смести во неговата мрежа.
По слабо атрактивната игра во првиот дел од натпреварот, фудбалерите ни донесоа многу возбудувања во вторите 45. минути. Кристијано Роналдо со одличен удар со глава по нафрлувањето од корнер го доведе во водство кралскиот клуб во 54. минута, но сепак радоста на гостите не траеше долго, Каталонците изедначија преку Педро за само две минути.
Водство на екипата на Тито Виланова му донесе кој друг ако не Лео Меси, кој во 70-та минута беше прецизен од белата точка, а ова беше првиот гол на Меси против Реал по едногодишна пауза. Само седум минути подоцна Барса веќе имаше 3-1, Чави беше прецизен по одличната асистенција на вчера фантастичниот Андрес Иниеста.
Следуваше 85-та минута, трагичар беше Виктор Валдес, а Ди Марија ја смести топката во голот за 3:2 и зголемување на шансите на Реал Мадрид во возвратниот дуел кој ќе го играат пред својата публика на Сантијаго Бернабеу.
|